Потпишан договор за заем меѓу ЕБОР и АД МЕПСО за зајакнување на преносната мрежа

 

Во Владата денеска е потпишан договор за заем од 26,4 милиони евра меѓу Европската банка за обнова и развој (ЕБОР) и македонскиот оператор за електропреносен систем АД МЕПСО, наменети за зајакнување на преносната мрежа. Параф на договорот ставија претседателката на ЕБОР Одил Рене Басо и директорот на АД МЕПСО Зухди Енуз во присуство на евроамбасадорот Дејвид Гир и министерката за енергетика, рударство и минерални суровини Сања Божиновска.

Средствата ќе бидат искористени во рамки на проектот за изградба на трафостаница блиску до Милетково и обнова на 110 киловолтниот далновод Валандово -Струмица, што ќе овозможи приклучување на нови 1170 мегавати од обновливи извори кои стојат неприклучени. Вкупната вредност на овој проект е 34,7 милиони евра од кои 26,4 милиони се обезбедуваат со заем од ЕБОР, а 7,6 милиони евра се грант обезбеден од Инвестицискиот фонд за Западен Балкан на ЕУ и половина милион евра од Климатскиот инвестициски фонд за забрзување на транзицијата од јаглен.

Претседателката на ЕБОР Басо истакна дека овој проект ќе има сериозно влијание со намалување на загубите за пренос со 14,5 гигавати и намалување на емисиите на ЦО2 до 8.158 тони годишно, што ќе го трансформира енергетскиот пејзаж на Северна Македонија.

-Клучно и она што би сакала да го потенцирам е дека проектот ќе овозможи поврзување на дополнителни 1,2 гигавати од обновливи извори што во моментов не може да бидат поврзани затоа што имаме застарени потстаници во Југоисточниот регион. Покрај оваа корист проектот ќе негува и развој на човечки капитал. Ние ќе помогнеме МЕПСО да воспостави центар за обука во Југозападниот регион и овој центар ќе се фокусира на обука на операторите на мрежите и другите секторски работници коишто ќе бидат погодени од транзицијата кон зелена енергија и ќе развијат зелени вештини за иднината, нагласи Басо изразувајќи задоволство од продолжувањето на соработката со МЕПСО и со Владата за олеснување на агендата за зелена транзиција.

Проектот, како што додаде Басо, вклучува и поддршка за развој на мастер план за мрежи во коишто ќе се идентификуваат клучните инвестиции во мрежата коишто се потребни за распоредување нови обновливи извори и да се обезбеди беспрекорна транзиција кон зелена енергија. Во тој мастер план ќе има и платформа за правична транзиција преку ЕБОР која ќе ја опфати и транзицијата од старите кон нови мрежи со што ќе се даде поддршка за заедниците коишто ќе бидат погодени од оваа транзиција.

Според евроамбасадорот Гир, инвестирањето во преносни линии и воведувањето паметни мрежи е клучен потфат во Северна Македонија имајќи предвид дека мрежите во земјата се стари веќе со децении и многу треба да бидат заменети и имаат недостиг од нови приклучоци.

-Без такви инвестиции нема да има можност да се исполни планот за декарбонизација којшто го постави земјата во својата зелена агенда. Накусо, не може да имаме транзиција бес пренос. ЕУ и понатаму ќе придонесува во овој процес преку инвестиции од инструментот за инвестиции за Западен Балкан и новиот план за раст и ќе помогнеме да се изградат посилни регионални поврзувања и да се обезбеди одржлив развој. Овие дејства ќе и помогнат на Северна Македонија да ја достигне својата цел и да постигне 66 проценти удел од производството на енергија од обновливи извори до 2030 година, рече Гир најавувавјќи дека ќе продолжи поддршката за земјава бидејќи инвестицијата во енергетска структура е двигател за регионалниот развој и економскиот раст.

Министерката за енергетика Божиновска порача дека токму еден од приоритетите на оваа Влада е зајакнување на електропреносните капацитети преку реконструкција односно ревитализација на постојните далекуводи. Таа увери дека се што ќе биде сега договорено и потпишано ќе се испочитува и целосно стопроцентно ќе се реализира.

-Се’ што ќе биде сега договорено и потпишано ќе се испочитува и ќе се работи како што ќе потпишеме, ќе си ги одржиме нашите ветувања како Влада. Сакаме да работиме на сигурноста на гридот (мрежата). Не можам да зборувам што се случило и зошто не е нешто направено од 2018 или порано, тоа ќе видиме за некое време, бидејќи ќе видиме ревизијата што ќе покаже. Така што, ние може да зборуваме од денеска па понатаму дека ќе биде поразлично и дека ќе се потрудиме да ги исполниме сите наши обврски од сите договори што ги имаме и што ќе се потпишуваат во иднина, рече Божиновска прашана дали во договорот за заем од ЕБОР има казнени пенали со оглед дека МЕПСО во 2018 година платило околу 800.000 евра пенали за земен, но неискористен заем од ЕБОР, односно нереализирани проекти.

Таа најави дека ќе следи ревизија на сите енергетски капацитети, вклучувајќи го и МЕПСО за што е разговарано со државниот ревизор, и се прави план тоа да се реализира во септември, за следната година, а има и некои ревизии кои се веќе направени. Министерската Божиновска побара трпение од јавноста со оглед дека Министерството е во фаза на оформување.

-Денеска ни е еден месец откога што седнавме на столчињата, така што ако може да имате малку трпение. Ние се уште немаме ни простории, така што сме во процес на оформување, меѓутоа ќе биде извршена целосна ревизија на сите енергетски капацитети, рече Божиновска.

ЕБОР се смета за клучен партнер на МЕПСО, кој финансира неколку клучни проекти како поврзувањето со Бугарија и Албанија, рехабилитација на мрежата со висока волтажа, а ќе го поддржи Акцискиот план за коропоративно управување, како и градењето капацитети за набавките. Од ЕБОР најавија дека во земјава ќе биде потпишан и договор со банкарскиот сектор за финансирање за некои од производите што ги нудат банките. 

23.07.2024 - 12:02

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега