Последиците од силното невреме во Велес не се санирани - службите велат дека ќе бидат потребни повеќе денови

 

За целосно расчистување на последиците од силното невреме кое вчера го зафати Велес и околината, ќе бидат потребни повеќе денови, информираат од ЈКП Дервен Велес, за „Прес24“. 

Иако дежурните служби на Јавното комунално претпријатие вчера излегоа на терен околу 15 часот, а останале да работат до 21 часот, сепак за целосно чистење на улиците од наносите на земја и кал ќе биде потребно повеќе време. 

„Ве информираме дека по силното невреме што го зафати Велес во текот на вчерашниот ден (околу 14.00 часот), сите вработени од Сектор Комунална хигиена што се дел од дежурната екипа излегоа на терен за расчистување на улиците од наноси на земја и кал, вклучително со градежни машини, товарни возила и цистерна за миење на улиците. Тие започнаа со работа веднаш откако невремето стивна, околу 15.00 часот, и работеа до 21.00 часот, при што беа исчистени главните улици во градот, а денеска работата продолжува. Доколку невреме не се повтори денес и во наредните денови, за целосно расчистување на последиците од невремето ќе бидат потребни уште неколку дена“, изјавија од ЈКП Дервен за Прес24.

За потсетување, вчера градот Велес го зафати големо невреме, проследено со обилни врнежи од дожд и силни грмотевици. Невремето започна околу 14 часот, а за истото предупредија и од УХМР. Последиците беа катастрофални, поплавени беа повеќе површини, а на неколку минути се парализираше и сообраќајот во централното подрачје на градот. 

Освен во Велес, силно невреме вчера имаше и во Гостивар, кое резултираше со поплавени улици и куќи. 

26.05.2023 - 11:25

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега