Полски аналитичар: Белорусија влегува во војната
Независниот аналитичар за одбрана Конрад Музика за Скај њуз изјави дека „сè укажува на тоа дека Белорусија во иднина ќе се вклучи во војната".
Аналитичарот Музика ги опиша белоруските вооружени сили како „еден вид мистерија“ и додаде дека редовните единици на белоруската армија тренираат речиси непрекинато од април, а неодамна ги ажурираа и информациите за воените резервисти.
„Интензитетот и обемот на воената активност на белоруските вооружени сили е на највисоко ниво од крајот на Студената војна. Такво ниво на обука на белоруските сили никогаш не сме виделе. Од крајот на април тие спроведуваат обука поврзана практично со секоја воена активност што би ѝм била потребна во случај да бидат вклучени во војна“, изјави Конрад Музика.
„Тие, исто така, го тестираа својот капацитет за мобилизација, така што неодамна објавија дека завршиле со ажурирањето на податоците за сите воени резервисти во Белорусија“, рече тој, додавајќи: Ова значи дека резервниот систем сега е подготвен да се мобилизира. Она што им треба сега е само политичка одлука да се мобилизираат и да војуваат“.
„Не знаеме дали тоа ќе се случи или не, бидејќи немаме увид во мислите на белорускиот претседател Александар Лукашенко. Но, сè укажува на фактот дека Белорусија ќе се вклучи во војната во иднина“, изјави аналитичарот.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа