Подготвени за Стразбур: Родителите од Кочани бараат одговорност за трагедијата во „Пулс“

 


Родителите на трагично починатите деца во несреќата што се случи во дискотеката „Пулс“ во Кочани на 16 март, испратија писмена изјава до јавноста во која изразуваат длабока болка, но и заедничко и недвосмислено барање за целосна правна разрешница и одговорност од сите инволвирани лица и институции.

- Оваа трагедија ја карактеризираме како масовно убиство и тешко загрозување на човековите животи и безбедноста, и бараме надлежните институции да постапат професионално, непристрасно и во согласност со важечките закони и меѓународни конвенции. Целосно се оградуваме од каква било политичка манипулација и не дозволуваме овој трагичен настан да се користи за собирање политички поени од кој било субјект, без разлика дали е од власта или од опозицијата. Бараме веднаш да се спроведе независна и темелна истрага за сите околности поврзани со настанот, со цел да се утврди дали биле испочитувани сите законски норми и регулативи за работењето на објектот. Сакаме да знаеме дали дискотеката поседувала валидна документација за работа, дали биле извршени сите потребни контроли од страна на надлежните инспекциски служби, и дали се постапувало согласно законот во делот на урбанистичките, градежните, санитарните, безбедносните и противпожарните стандарди. Потребно е да се утврди дали нечија немарност, злоупотреба или незаконско дејствување довело до оваа трагедија, се истакнува во изјавата.

Родителите потенцираат дека се подготвени да соработуваат со еминентни домашни и странски адвокати кои ќе обезбедат правна поддршка во сите фази на процесот, вклучително и евентуално поднесување предмет пред Европскиот суд за човекови права во Стразбур.

-Не бараме ништо повеќе од правда, но таа правда мора да биде неселективна и праведна. Не смееме да дозволиме животите на нашите деца да останат без значење во очите на државата. Одговорност мора да има – како за организаторите и управувачите на објектот, така и за институциите кои дозволиле или не спречиле оваа катастрофа. Животот на нашите деца беше изгубен, но не смее да биде заборавен. Апелираме до Обвинителството и Полицијата да постапуваат без одлагање, професионално и транспарентно, и да ја известат јавноста за секој чекор во процесот. Ако овие институции не постапат соодветно, ќе ги искористиме сите расположливи домашни и меѓународни правни механизми, вклучувајќи поднесување на предмет до Европскиот суд за човекови права во Стразбур, додаваат родителите.

Во изјавата родителите упатуваат апел дека прашањето за функционирање на институциите и безбедноста на граѓаните не е индивидуален, туку општествен проблем. Тие не бараат посебен третман или политички привилегии, туку државата да си ја заврши својата работа чесно и по закон.

За в сабота, 10 мај е најавен нов протестен „Марш за ангелите“ во Кочани што че почне во 16 часот и 5 минути, симболизирајќи ја задоцнетата институционална реакција.

08.05.2025 - 13:19

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега