Почна ревизијата за патот Кичево – Охрид, која може да доведе до раскинување на договорот со Кинезите
Во тек е ревизија од Државниот завод за ревизија во Јавното претпријатие за државни патишта во однос на финансиските извештаи и услогласеноста, како и ревизија за успешност на капиталните инвестиции за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид.
Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта објавија дека преку Надзорниот орган ангажира експерт за фидик-договори преку кој треба да се обезбеди анализа на договорот, како и решенија за сите идни чекори на Владата за реализација на проектот за изградба на автопатската делница Кичево – Охрид.
„Ова е потребно од причина што рокот за реализација на овој инфраструктурен проект завршува на 31 декември оваа година, а до тогаш Министерството за транспорт и врски и ЈП за државни патишта преку Владата на Република Северна Македонија ќе донесат одлука со најсоодветното решение за дореализација на овој проект. Дополнително, информираме дека појавени се единаесет нови свлечишта на трасата и поради тоа, ќе се ангажираат меѓународни експерти, кои ќе дадат предлог-проектантски решенија и мислење за целокупниот проект“, велат од Министерството.
Се додава дека реализацијата на овој проект е од стратешко значење за Република Северна Македонија, тој е дел од Коридор 8 како главен европски коридор. Приоритет на Владата е завршување на овој проект и во таа насока ќе се преземат сите активности за негова реализација, велат од Министерството.
Минатата недела можност за раскинување на договорот навести премиерот Димитар Ковачевски, кој рече дека е недозволиво еден автопат од 40 километри да се гради веќе 10 години, а сè уште да не е направен.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа