Патник од авионот на „Ер Србија“ што принудно слета: Летавме еден час во целосен мрак, луѓето снимаа проштални пораки

 


Вистинска драма се случи на небото на 18 јануари, кога при полетување беше оштетен авионот што го користеше „Ер Србија“, поради несоодветна проценка на параметрите за полетување. Авионот потоа леташе над Белград еден час, пред итно да слета на белградскиот аеродром.

Авионот на компанијата Маратон ерлајнс, која врши летови за Ер Србија, со 106 патници слета во неделата вечерта на белградскиот аеродром „Никола Тесла“ со дупка на трупот и оштетено крило.

Авионот бил оштетен при полетувањето од аеродромот, кога удрил во светлосен сигнал на крајот од пистата, а потоа околу еден час кружел над Белград.

Патниците и екипажот, 111 од нив, преживеале хорор филм. Меѓу нив бил и Бранко Вукашин од Нови Сад, кој за Нова.рс детално раскажа што се случувало тој ден во авионот додека леталото било во целосен мрак, без сигнализација на крилата, и протекувало гориво.

Вукашин кој речиси шест години живее и работи во Германија, за Нова.рс рече дека никој не очекувал вакво нешто.

„Поради тој фатален пат по кој инсистираа пилотот и копилотот да тргнат, се случи тоа што се случи. Фала му на Бога што останавме живи затоа што само тој не спаси. Летање во авион во целосен мрак, без сигнализација на крилата на авионот, додека горивото постојано тече… Многу е опасна ситуација“, вели Бранко на почетокот на разговорот.

Раскажа дека седел сам. Вели дека во моментот бил можеби најтрезвениот од сите патници, а тоа го припишува на семејната трагедија што го снашла на 6 јануари.

„Мајка ми неодамна почина. Тоа ме вознемири многу,  па некако бев смирен затоа што си мислев што друго полошо би можело да ми се случи. Еден дечко седеше зад мене, тој беше целосно изгубен, имаше напад на паника. Жената која седеше до него го смири, а јас во еден момент се свртев и му реков: Другар, не плаши се, Господ не чува. Не бев саркастичен, но навистина верувам во Бог. И тој не спаси“, продолжува соговорникот за Нова.рс.

Раскажува дека никој немал хистерични напади, но некаде на средината на патувањето, патниците почнале нервозно да бараат објаснување од стјуардесите.

„Не држеа во неизвесност, само ни рекоа да не се грижиме и дека се ќе биде во ред. Ништо не знаевме освен дека се враќаме во Белград и дека удривме во нешто при полетувањето. Во авионот беше црно, не се гледаше седиштето пред вас. Стјуардесите и шефот на екипажот шетаа со батериски ламби и гледаа нешто во близина на крилото, мислам дека и тие не знаеја точно што се случува. Цело време ни течеше гориво. Немаме материјални докази, но тврдиме дека при ударот сме изгубиле струја. Останавме без струја, без клима, сигнализација на крилата и кон крајот дознавме дека пилотот воопшто немал сензори за да покаже дали тркалото се отворило или не. Можеби е добро што не го знаевме сето тоа“, вели Бранко.

Тој нагласува дека сите биле во многу опасна ситуација и неизвесност до самиот крај.

„По тој настан сите ние што бевме во авионот направивме група на Вибер каде се уште собираме впечатоци за тоа што се случило. Ужасно сме погодени од информациите објавени од одредени медиуми дека не сме биле во животна опасност. Тоа е срамно. Ние сме луѓе, не сме некоја политичка партија. Половина од луѓето не беа ни од Србија. Никој не ни се јави да праша дали ќе кажеме нешто, никој. И многу е важно да слушнеме од медиумите и да привлечеме внимание кон сето ова. Не за да ги плашиме луѓето, туку да дадеме до знаење дека овие институции треба малку да се „размрдаат“. Дали требаше да се урне авионот, за да се направи нешто?“, прашува тој.

Кога авионот слетал, Бранко вели дека вработените на аеродромот ги избркале од тоа место, и не ги оставиле да останат долго.

„Има снимка на која можете да слушнете како не спречуваат да снимаме и бараат да ги исклучиме камерите. Насилно нѐ протераа. Иако, не држеа подалеку бидејќи имаше претпоставка дека авионот може да се запали. Затоа веднаш ја пуштија пената“, продолжува понатаму да објаснува.

„Бевме пресреќни кога ја допревме земјата. За нас беше како да се преродивме. Дури сега знам што е среќа, верувајте! Луѓето се збогуваа во авионот, ги вклучија телефоните само за да испратат пораки дома. Те сакам многу мамо, те сакам тато, не знаеме дали ќе слетаме, во опасност сме, ќе те контактираме штом можеме… Никогаш нема да ги заборавам сите тие реченици. Луѓето се држеа за раце во авионот. Ние не знаеме ништо, освен дека сме над небото, во целосна темнина. Тоа беше страшно. Во еден момент луѓето почнаа да викаат и да прашуваат што се случува. Во очите на стјуардесата можеше да се види страв, се чувствуваше трепет во нејзиниот глас“.

Луѓето плачеле кога слетале.

„Кога слетавме, не можам да ви кажам колку луѓе плачеа во тој момент. Жена, која беше целото време мирна, најпосле се скрши и почна да плаче, не верувајќи што се случило. Слетувањето беше многу побрзо од вообичаеното, се можеше да се случи“.

Ер Србија, вели тој, им понудила хотелско сместување на сите патници. Никој не можел да спие таа ноќ.

„Некои од патниците имале главоболки, други имале висок крвен притисок. Не можеа да се соземат.Пилотот очигледно беше многу искусен штом не приземји. Не ја потценуваме неговата работа, но тој мора да преземе одговорност за својата непромислена одлука. И тој и копилотот, па дури и самите членови на екипажот. Тоа е тимски неуспех, тоа не смее да се случи. Дури шпекулираме дека не сме сигурни дека пилотот знаел дека удрил во левиот дел каде што е направена дупката и дека има истекување на гориво“.

На добрата страна, раскажува, во авионот имало добар тим кој ширел позитивна енергија по тој настан.

23.02.2024 - 19:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега