Паневропскота Унија на Македонија на европска конференција „Мир во Европа и светот“ во Загреб и Бања Лука

Претседателот на Паневропскота Унија на Македонија и член на Меѓународното претседателство на Пан европската Унија, Амбасадорот Андреј Лепавцов се обрати на меѓународната Конференција која се одржа во Загреб и Бања Лука од 27 до 29 октомври 2023. Од 27 до 29 октомври 2023 година во Загреб и Бања Лука се одржа меѓународната пан европска конференција „Мир во Европа и светот“, со повеќе од 70 учесници од 17 европски земји.

На конференцијата се дискутираше за европската перспектива како и прашања за запирање на воените конфликти и империјалните претензии во Европа и светот.

Македонската делегација на оваа Конференција ја предводеше Амбасадорот Андреј Лепавцов со Генералниот секретар на ПЕУ Македонија Билјана Јанева и членот на претседателството Трајче Рушев.

Претседателот на Хрватската Паневропска Унија, Паво Баришиќ, ја отвори Конференцијата потсетувајќи на историјата на Паневропската унија и нејзината миротворна улога во Европа и светот. Министерот за надворешни и европски работи на Република Хрватска, Гордан Грлиќ Радман се осврна на перспективата за членство во ЕУ како инструмент за обезбедување мир во Европа.

Тој рече: „Европската унија може и треба да даде поголем придонес за обезбедување мир на глобално ниво и посилно да се позиционира како геостратешки фактор“.

На собирот во видео порака се обрати потпретседателката на Европската комисија Дубравка Шуица. Таа нагласи дека демократските принципи се услов за слобода и безбедност. Европската унија, особено на Западниот Балкан, игра клучна улога во ова. Во својот говор, зборови на поддршка и обединување упати и претседателот на Меѓународната Паневропска Унија, Ален Тереноар. Тој го истакна значењето на европската слобода и независност во сложените геополитички односи меѓу големите сили. Тој се залага за европски суверенитет во контекст на безбедноста и одбраната. Пратеникот во Европскиот парламент, Карло Реслер ја истакна важноста од инвестирање во одбранбените механизми на европските земји, кои се изложени на зголемени притисоци од современите безбедносни и миграциски предизвици.

Претседателот на германската Паневропска Унија, Бернд Поселт, рече дека Европа нема иднина доколку ги напушти своите традиции и вековни вредности и дека се додека постои принцпот на вето, иднината на Европската унија е под знак прашање.

Андреј Лепавцов, претседател на Паневропската унија на Македонија, зборуваше за повеќеслојните проблеми и блокади на процесот на пристапување на Македонија во Европската унија. Потенцираше дека Македонија чекореше паралелно со Хрватска во процесот на пристапување во ЕУ, дури и во одреден момент беше фаворит во оваа позитивна трка, пред повеќе од 20 години.

Наведе дека во следниот извештај на Европската комисија, од Македонија повторно ќе биде побарано да ги направи уставните измени, за да започне вистинскиот процес на преговарање, и да ги примени протоколите напишани во соседна Бугарија, вметнати во преговарачката рамка. 

На конференцијата говореа и претставници на паневропски организации од Австрија, Црна Гора, Франција, Италија, Унгарија, Косово, Унгарија, Германија, Романија, Словачка, Србија, Шпанија, Шведска и Украина.

30.10.2023 - 12:41

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега