Османи нема да реагира откако Бугарија го повлече амбасадорот Ангелов: Најлесно за еден политичар е да се качи на вагонот на емоциите на јавноста

Министерството за надворешни работи само немо ќе ги следи потезите на официјална Софија, откако Бугарија го повлече својот амбасадор Ангел Ангелов.

Додека од Софија доаѓаат нови обвинувања, и тоа од шефот на бугарската дипломатија, Николај Милков за наводни системски напади врз бугарските клубови и заедници, министерот Бујар Османи пред пратениците не кажа дали Македонија ќе преземе конкретни чекори.

Османи смета дека последните активности на Софија и повлекувањето на амбасадорот Ангел Ангелов не се во согласност со договорената практика за подобрување на меѓусебните односи.

-Напротив, претставуваат потклекнуваат под провокациите на оние коишто сакаат да ги нарушат напорите на двете влади за стабилен и позитивен развој на односите меѓу двете држави. Иако повикувањето на амбасадор на консултација во матичната држава е право на земјата испраѓач и редовна дипломатска пракса, Министерството за надворешни работи изразува жалење за ваквиот чекор и сметаме дека неоснован, непоткрепен со валидни аргументи и непропорционален, рече Османи одговарајќи на пратеничко прашање во Собранието.

Според него, Македонија покажала силен демократски и институционелн капацитет и низ брза и ефикасна постапка го ставила последниот инцидент низ правосудните процеси.

-Преку своите изјави претседателот на државата, премиерот на владата, јас како министер за надворешни работи го осудивме настанот. Оставрив посета во Софија кадешто уште еднаш ја демонстриравме одлучноста на државните органи за обезбедување правна сигурност, безбедност и одржување на јавниот мир, рече Османи, додавајќи дека осудата дошла по првичната проценка на охридското Јавно обвинителство дека инцидентот е поради елементи на идентитетски или етнички обележја.

Според шефот на македонската дипломатија, сезоната на лов на провокатори е почната и секој ќе се обиде на вакви сензитивни теми да го изгради својот наратив.

-Тоа што нас ни треба е прво да го зачуваме тој интегритет и тој имиџ што го изградивме најмакотрпно пред светот дека во Република Северна Македонија нема државна политика на дискримација кон ниту една заедница, вклучувајќи ја и бугарската заедница. Може да има индивидуални проблеми, загрежености, за што сме отворени да разговараме. И реков, го имам и тој сентимент и ние треба да ги адресираме таквите прашања за да не дозволиме некој на индивидуални случувања да изгради наратив дека овде се води системска државна политика кон една заедница, рече Османи, појаснувајќи дека неговата посета во Софија била токму поради ова.

Според Османи, посетата на Софија го затворила тој случај пред Европската унија. Вели, така треба и да се продолжи, ладнокрвно и внимателно.

-Да го зачуваме тој имиџ, да изградиме стратегија за заштита на државните интереси, а не да јаваме на бранот на јавноста. Тоа е најлесно. Најлесно нешто што еден политичар може да направи е да се качи на вагонот на емоциите на јавноста, да добие краткорочни аплаузи, а потоа да направи долгорочни штети на државата. Сега нас ни треба деескалација на односите, прекинување на овој циклус на провокации, рече Османи.

 

26.01.2023 - 13:03

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега