Општина Тетово: „Ќе се уредат и други терени со сите потребни услови за екипите во пониските лиги“

 

Општина Тетово отсекогаш постапувала транспарентно и одговорно кога бил во прашање соживотот меѓу заедниците. Во оваа насока реакцијата на двата фудбалски клуба во однос на користењето на спортските терени во нашиот град е јасно кршење на оваа традиција на транспарентност и одговорност, реагира Општина Тетово откако македонскиот второлигаш Тетекс ги обвини градските власти дека не им дозволуваат користење на градскиот стадион објаснувајќи дека само ФК Шкендија има ексклузивно право на користење на стадионот.

„Нивната последна реакција беше сосема непотребна и неодржлива. Средба со претставници на клубовите имаше и се постигна јасен консензус. Градскиот стадион да се користи само за фудбалски натпревари во Првата лига на Северна Македонија и меѓународни фудбалски натпревари, но и за натпревари од особено значење, како, на пример, полуфинале и финале во Купот на Македонија.

Од овој аспект Општина Тетово покажува решеност да гарантира дека овој стадион треба да биде опремен со сите потребни услови и стандарди како еден модерен и функционален објект, кој ќе ги исполни сите барања на спортска арена од високото ниво во нашиот град“, велат од Општината.

„За екипите што настапуваат во пониските лиги, Општината има јасен став: ќе се уредат и други терени опремени со сите потребни услови за спортски натпревари. Така, еден терен ќе се гради кај Спортскиот центар во градот, а друг во селото Сараќино. Двата терена ќе бидат опремени со потребната инфраструктура, вклучително и соблекувална за тимовите и канцеларии за клубовите.

Со овие чекори Општина Тетово ја потврдува својата посветеност за унапредување на спортот на високо ниво, транспарентност и правда за сите заедници што живеат во нашиот град“, се додава во соопштението на Општина Тетово.

17.08.2023 - 14:14

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега