Општина Аеродром: Арсовска своите правници и инспектори да си ги испрати на повторна едукација на Правен факултет
„Непознавање на законите, ниското ниво на политичка култура и политичкото ривалство кое за жал кај градоначалничката Арсовска веќе е сведено на ниво на политичка омраза, оди до таму што, по нејзин налог извршителите во градот Скопје добија насока да изречат монтирана и целосно неточна прекршочна санкција за Општина Аеродром“. Вака реагираат од Општина Аеродром преку писмено соопштение до медиумите, откако претходно денеска од Град Скопје соопштија дека Инспекторатот за животна средина изрекол парична казна за општина Аеродром и градоначалникот Тимчо Муцунски во висина од 88.000 евра во денарска противвредност поради исфрлање на отпад на јавна површина со што се загрозува животната средина и здравјето на граѓаните.
„Наводите наведени во денешната информација доставена во медиумите, се целосна лага, смислена во центарот за креирање лажни вести и фејк кризи лоциран во бараките на Град Скопје.
Потенцираме дека, до овој момент до Општина Аеродром нема стигнато никаква документација поврзан со наводите наведени во соопштението до медиумите. По евентуалното добивањето на документацијата поврзана со санкцијата, фактот дека таа е целосно неточна ќе го докажеме во соодветна законска постапка пред надлежните институции. Воедно, не ја исклучуваме можност за поведување кривична постапка до инспекторите кои изрекле ваква незаконска санкција, како и до сите одговорни лица во градот Скопје, вклучувајќи ја градоначалничката Арсовска“, велат од општина Аеродром.
Оттаму ја обвинија градоначалничката Арсовска дека била единствениот виновник за комуналниот хаос во градот.
„Арсовска која е единствениот виновник на комуналниот хаос во градот, наместо да диригира смешни прекршочни решенија, неопходно е правниците и инспекторите кои се дел од нејзиниот тим, да ги упати на повторна едукација на Правниот факултет, каде ќе ги научат основни принципи за толкување на законот и изрекување прекршочна санкција. Воедно, самата Арсовска наместо да се занимава со наместени, паушални и конструирани постапки со кои дополнително си го намалува рејтингот приближен до „нула“ , пополезно ќе биде да посвети на проектите кои ги ветуваше пред граѓаните, како гимназијата во Аеродром, Мега паркот зад ФФМ и Иновацискиот парк зад кулите на Џевахир.
Политичката омраза, креирањето лажни постапки и паушалното пласирање скандали се карактеристика за слабите политичари и лошите менаџери и тие само очаен обид за дефокус на јавноста од реалните проблеми со кои се соочува градот. Политичкото ривалство треба да се води на цивилизиран начин, онака како што доликува на современи политичари, преку инвестиции, грижа за граѓаните и реализација на проекти. Најодговорно тврдиме дека во изминатиот период Општина Аеродром има повеќе реализирани проекти во споредба со сите проекти на Арсовска во цело Скопје.
На крајот уште еднаш потсетуваме дека, грижата за здравјето и животот на граѓаните е наш врвен приоритет, а постапувањето согласно законите единствен императив во работењето на Општина Аеродром“, стои во реакцијата на општина Аеродром испратена до медиумите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа