ОЈО: Организирано носење гласачи во Кочани, поткуп во Ростуше, притисоци во Неготино

Јавното обвителство се огласи по затворањето на гласачките места. Оттаму изборниот ден го оценија како генерално мирен и без поголеми нарушувања на гласањата.

Јавното обвинителство соопшти дека во ОЈО Кавадарци оформен е предмет по поднесено известување против лице од Неготино кое било пријавено од граѓанин за кривично дело – Повреда на слободата на определување на избирачите од член 160 од Кривичниот законик. 

-Според наводите, пријавената телефонски се обидела да влијае кај  пријавителката да гласа за една политичка партија, напоменувајќи дека е корисник на ИПАРД помош. Предметот е во предистражна постапка и се преземаат дејствија за да се утврди дали постојат елементите на пријавеното кривично дело или друго кривично дело кое се гони по службена должност, велат од ОЈО.

Во Кочани, пак, организирано се носеле гласачи на избирачко место.

-Јавен обвинител веднаш даде насоки за проверка и прибирање податоци дали при превозот на каков било начин им се влијаело на гласачите во врска со остварувањето на нивното гласачко право, се вели во дописот од ОЈО.

Пријава за поткуп имало и во гостиварско.

-Анонимен граѓанин во Ростуше пријавил дека едно лице вршело поткуп на гласачи. ОЈО Гостивар веднаш даде наредби и насоки, беа направени детални проверки, при што наводите не се потврдија со ниту еден доказ. Освен ова, јавните обвинителства постапуваат и вршат проверки за сите други изолирани настани за кои јавноста претходно беше информирана. Сите евентуални сомненија за кривични дела кои би можеле да го нарушат изборниот процес ќе бидат испитани, а предметите ќе имаат приоритет на постапување во јавните обвинителства, велат од ОЈО.

08.05.2024 - 19:41

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега