Ограбена Ноем - американската министерка за домашна безбедност

 

Кристи Ноем, секретарката на Homeland security (агенција која се грижи за внатрешната безбедност во САД) била ограбена во ресторан во главниот град на САД, објавија повеќе американски медиуми.

Маскираниот крадец и ја украл чантата на високо позиционираната функционерка во администрацијата на Трамп додека била на ручек во ресторанот. Ноем била заштитувана од припадници на тајната служба, но маж белец кој имал медицинска маска на лицето успеал да ја земе чантата без никој да забележи.

Тајната служба ги проверила снимките и утвтдила како се случила кражбата и каде се упатил разбојникот откако го напуштил ресторанот.

Во чантата имало околу 3 000 долари во кеш, парични чекови, лекови, клучеви од станот на Ноем, пасош и возачка дозвола како и ташничка со шминка. Тајната служба на САД отворила истрага и се ободува да ги лоцира финансиските инструменти украдени од секретарката Ноем. Таа имала многу кеш бидејќи за време на велигденскиот викенд на гости и биле роднини од Јужна Дакота, а меѓу нив и нејзините деца и внуци, па извадила пари за потреби на посетата, соопштиле нејзините асистенти.

Експерти за CNN изјавиле дека кражбата може да се смета за безбедносен пропуст бидејќи крадец успеал да стаса до лични работи на висок функционер во кабинетот на Трамп.

Кристи Ноем е назначена за секретар на големата безбедносна агенција откако Трамп го презеде претседателското место во Белата Куќа. Таа е од Јужна Дакота каде била гувернер, но има искуство и во Вашингтон како избран претставник во Конгресот на САД.

Homeland Security е оддел на извршната власт на САД и по надлежностите претставува пандан на европските Министерства за внатрешни работи односно е задолжено за внатрешната безбедност во САД и спречување на терористички акти, криминални прекугранични активности и за одржување на сајбер и информатичката безбедност. Агенцијата е формирана во 2002-ра, по терористичките напади врз САД на 11.09.2001. и има над 200.000 вработени.

Сепак и покрај габаритот на моќната служба, нејзиниот лидер Ноем била ограбена во ресторан.

22.04.2025 - 11:56

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега