Одбиени уште 26 амандмани на Предлог-буџетот за 2023 година

 

Собраниската Комисија за финансирање и буџет во рамките на денешната амандманска расправа за Предлог-буџетот за 2023 година разгледа вкупно 26 амандмани од кои два беа повлечени од предлагачите, а 24 не беа усвоени. Најголем дел од амандманите се однесуваа на изградба и реконструкција на локални патишта.

Комисијата меѓу другите со пет гласа „за“ и „шест“ против не го прифати амандманот поднесен од пратеникот Миле Лефков од ВМРО-ДПМНЕ со кој се бараа 22 милиони денари за изградба на пречистителна станица заради која, како што кажа во образложението, не е можно приклучување на канализациската мрежа која е изградена во 2016 година во населеното место Чифлик, општина Чешиново Облешево. Со три гласа „за“ и седум „против“ беше одбиен и амандманот поднесен од пратеникот Ненад Коциќ од СДСМ за обезбедување средства за трансфер на средства за здруженија на граѓани, училишта и научни институции за проекти од областа на животната средина. Како што истакна заменик-министерот за финансии Филип Николоски двата амандмани не се прифатливи, бидејќи за средства за таа намена може да се аплицира преку Министерството за животна средина и просторно планирање.

Комисијата во моментов е на редовна едночасовна пауза по која треба да продолжи расправата на шестиот од вкупно предвидените седум дена за амандманска расправа за Предлог-буџетот по што тој треба да се најде на пленарна седница. Вкупно се поднесени 263 амандмани од кои 199 се од опозициската ВМРО-ДПМНЕ.

Во Предлог-буџетот за следната година растот е проектиран на 2,9 отсто, а инфлацијата на 7,1 отсто. Вкупните приходи се планирани на ниво од 282 милијарди денари и се повисоки за 14,8 проценти во однос на 2022 година, а расходите на ниво од 324,8 милијарди денари или се за 12,6 проценти повисоки во однос на 2022 година. Буџетскиот дефицит е на ниво од 4,6 проценти од планираниот БДП. За капитални расходи, пак, се планирани 48,9 милијарди денари или за околу 52,3 отсто повеќе во однос на планот за 2022 година.

09.12.2022 - 15:18

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега