Од Стајковци до Кочани

 

Елементарните непогоди се честа појава во целиот свет. Главната дебата е колку се тие продлабочени и почести благодарение на човечкиот фактор, односно негрижата на човекот кон природата, односно нејзиното систематско децениско, па дури и вековно уништување.

Поплавите, пожарите... се појави кои буквално секоја година се случуваат во секоја земја, а Македонија воопшто не е исклучок. Некогаш се повеќе, некогаш помалку катастрофални, но не бираат ни време, ни место, а не им е воопшто грижа кој е на власт во која држава.

Дека ние како држава не водиме систематска грижа за да ги ублажиме или спречиме ваквите појави, мислам е неспорно. Од едноставна причина што не водиме систематска и институционална грижа речиси за ништо. За жал, на секој од нас му е поважна партијата, позицијата или привилегијата отколку заедничкото добро, а со самото тоа несвесно ја жртвуваме личната благодет, но и здравјето и животот на нашите најблиски.

Да. Се преправаме, се докажуваме дека едните сме подобри од другите, но за жал на крај сè се сведува дека во суштина секој од нас потфрла и не гради заедништво кое единствено може да води кон долго очекуваните и неопходни позитивни промени. Апсолутно не велам дека сме сите исти бидејќи тоа е неможно. Ама јас одамна (можеби и отсекогаш) одбивам да правам разлика меѓу темна и малку потемна сива боја или меѓу „прљаво бела“ и крем боја. Со други зборови, факт е дека сите сме луѓе, односно сме ранливи, „расипливи“ итн. Па, ако конечно се одважиме и го прифатиме овој светски признаен факт и ако сакаме напредок не постои друго решение освен конечно да изградиме систем на добро управување и донесеме системски решенија кои ќе важат за сите. Само така во ниеден момент ќе нема привилегирани, како и оние останатите кои се борат за истите привилегии, но кога овие првите ќе ги изгубат. И така во круг до недоглед...

Но, да се обидам да скратам бидејќи знам дека огромен број на луѓе го чувствуваат и  споделуваат ова, како и дека го посакуваат излезот од ваквото беспаќе.

Не верувам дека постои човек кој кога го гледаше пожарот кој беснееше над Кочани вечерта на Илинден можеше да остане рамнодушен. Исто како што не верувам дека имало таков човек кој можел без емпатија и желба да помогне да ги гледа сликите и видеата од стравотната поплава која пред 5 години го погоди Стајковци и околните места.

За мене и како човек, но и како комуниколог воопшто не е спорно присуството на политичарите од власт и опозиција на терен во такви ситуации. Желбата да се организира и даде помош, поддршка... Не само што не е спорно, туку е и повеќе од потребно. Ниту сметам дека е спорно да се побара одговорност и вина. Напротив, тоа е повеќе од потребно. Не за друго, туку првенствено за да никогаш и никаде не се повтори таква или слична катастрофа.

Но, сепак, во моменти кога на луѓето им гори над главите или, пак, се бројат хоспитализации и штети, најмалку им е дојдено до партиски кавги, пресметки или барање на виновници (едни демек подметнувале, а други демек не знаеле да се справат). Тоа е како кога некој ќе падне од велосипед бидејќи гледал во мобилниот телефон, вие прва работа што ќе ја направите да биде да му се развикате прашувајќи го кај гледал или што мислел додека гледал во телефонот. Или, пак, уште пострашно, да му нагласите дека сте биле во право бидејќи сто пати претходно сте му рекле да не го прави тоа и пак не ве послушал. Напротив, првата работа што ја правите тогаш, прашувате дали се чувствува добро, пружате прва помош и консултирате лекар со цел да ги направи сите неопходни прегледи, односно препишување на соодветна терапија. Откако ќе закрепне тој човек, разговарате на темата и заеднички извлекувате поука со цел такво или слично нешто да не се повтори. Смирено, човечки... Бидејќи така се бара и е единствен начин да се добие одговорност со цел да не се повтори грешката.

Бидејќи, за сè мора и има време и место. Впрочем, најважните и најголемите комуникациски пораки ги испраќаат политичари со своите постапки токму во тие моменти.

Ако сакаме држава која ќе биде за граѓаните, а не за партиите. Ако сакаме систем кој ќе биде направен за навек и нема да зависи од чија било политичка волја. Ако сакаме враќање на доверба на граѓаните во институциите, овие настани нудат и таква шанса.

На пример, прва сцена може да биде како на исто место се нашле политичарите од различни партии и разговараат што можат заедно да направат за да им помогнат на луѓето во неволја. Следно, секако дејствуваат според она што го разговарале. Во исто време се договараат дека веднаш по завршување на немилиот настан ќе седнат заедно и ќе изнајдат заеднички начин како брзо и ефикасно да ги надополнат сите системски слабости за справувања со катастрофи кои буквално секаде може да се случат, но и да ги стават како приоритет сите набавки и екипирања со цел создавање на модерен и ефикасен систем за заштита од катастрофи и елементарни непогоди.

И секако, се договараат дека заеднички ќе покренат барање за утврдување на одговорност за да видат каде се затаило и дали и што можело да биде поинаку ако институциите функционирале со полн капацитет. Од ниво на месна заедница, преку локална самоуправа, надлежните директорати и центри за управување, па до целата централна власт. Ама, одговорно, сеопфатно и институционално истражување. Бидејќи барањето само на политичка одговорност веќе 30 години не води само кон промена на власта и постојано тонење на довербата во системот.

Ако не создадеме професионални, одговорни и независни институции и администрација, може да увеземе и власт од најуспешните земји во светот. Залудно ќе биде!

Затоа, сакам и останувам оптимист дека политичарите од власта и опозицијата ќе сфатат дека нема друг излез освен да седнат и заедно да работат на создавањето на вакви институции кои ќе работат исклучиво за секој граѓанин и граѓанка. На крајот на краиштата, не толку одамна се случи Резолуцијата за црвените линии во преговорите со Бугарија, предложена од опозицијата, а изгласана заеднички со власта во македонското Собрание.

Значи ако можело на вакви теми заедништво, дефинитивно мора на темите кои уште повеќе ги обединуваат граѓаните, а се однесуваат на системско решение за справувањето со катастрофи, квалитетно здравство и образование, екологија и чист воздух, исполнување на потребите на младите... Има навистина многу теми, а се чека само кој ќе го означи почетокот на ваквите промени. Нека започне одбројувањето!

Бојан Кордалов, комуниколог – специјалист за односи со јавност и нови медиуми

04.08.2021 - 14:50

 

 

 

 

 

 

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега