Од 600 до 800 денари субвенции за сметките за струја на домаќинствата со ниски приходи
Продолжува субвенционирањето на сметките за струја на најранливите категории граѓани. Годинава за оваа мерка се предвидени 60 милиони денари или еден милион евра.
Како што соопшти денеска министерот за економија Крешник Бектеши, субвенцијата ќе изнесува 600 до 800 денари, а јавниот повик е веќе објавен на веб-страницата на Министерството за економија и сите граѓани кои ги исполнуваат условите може да аплицираат најдоцна до крајот на февруари.
-За самец со приходи до 18.000 денари денари, за домаќинство со два члена до 25.000 денари, за домаќинство до три члена до 30.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 600 денари, додека за домаќинство со четири члена со приходи до 36.000 денари и за домаќинство со пет члена и повеќе члена до 43.000 денари намалувањето на сметката ќе биде 800 денари, рече Бектеши на прес-конференција во Владата.
Според него, оваа мерка годинава е проширена со други социјално ранливи категории лица како што се корисници на правото на надоместок поради попреченост, самохрани родители кои не се евидентирани корисници на гарантирана минимална помош и корисници на право на надомест за телесно оштетување.
-Новина е и што доколку овие домаќинства направат заштеда на електрична енергија од 10 отсто споредено со истиот период минатата година, тогаш ќе имаат дополнително 200 до 300 денари намалување на сметката за електрична енергија во зависност од категоријата, рече Бектеши.
Минатата година преку оваа мерка беа субвенционирани 4 379 домаќинства, а се исплатија вкупно 33 милиони денари, додека годинава се очекува да бидат поддржани над 8 500 домаќинства..
-Фокус на Министерството за економија во 2023 година ќе биде енергетиката и справувањето со енергетската криза. Согласно буџетот за оваа намена преку мерките и програмите на Министерството за економија се обезбедени вкупно 200 милиони денари односно 3,2 милиона евра, што е три пати повеќе споредено со претходната година, подвлече Бектеши.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа