Норвешка ја призна палестинската држава
Нордиската земја признава независна палестинска држава, соопшти Владата на Норвешка.
Норвешкиот премиер Јонас Гар Стор денеска изјави дека скандинавската земја донела одлука официјално да ја признае Палестина како држава.
Одлуката стапува на сила на 28 мај, објави АП.
„Не може да има мир на Блискиот Исток доколку не дојде до признавање“, рече норвешкиот премиер, додавајќи дека „Палестина има основно право на независна држава“.
Неколку земји од Европската унија во последните недели дадоа индикации дека планираат да ја признаат Палестина, бидејќи сметаат дека решението со две држави е клучно за траен мир во тој регион.
Норвешка, која не е членка на Европската унија, но најмногу ги следи одлуките на Брисел, долго време го поддржува решението со две држави, Израел и Палестина.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа