Полицијата направи „парче" во Скопје - за еден ден казнети 160 ученици во сообраќајот

 

СВР Скопје во текот на вчерашниот ден спроведе зајакната сообраќајна контрола при што сообраќајната полиција санкционираше 160 учесници во сообраќајот за сторени прекршоци од Законот за безбедност на сообраќајот.

Кај седум возачи е утврдено дека управувале возила под дејство на алкохол, осум лица управувале возила со измината важност на сообраќајната дозвола, а без возачка дозвола управувале седум возачи. Четири лица била казнети бидејќи поминале на црвено светло, 43 возачи  управувале возила со над дозволената брзина, 17 возачи  управувале возило со над 90 км на час во населено место, а кај еден возач било констатирано дека непрописно престигнувал. Покрај ова казнети се и тројца возачи за неотстапување на првенство на минување, 12 возачи за некористење сигурносен појаси и зборување на мобилен телефон.

Во текот на вчерашниот ден во рамки на контролата казнети се и четворица пешаци кои не ги почитувале сообраќајните знаци и прописи. Со пајак службата се подигнати вкупно 63 возила, а во голема мера причина за истото било попречувањето на нормалното движење и одвивање на сообраќајот, додека пак пет од возилата биле паркирани на автобуска постојка, зона за паркирање, крстосница или пешачки премин.

Од МВР најавуваат дека и натаму ќе продолжат со зајакнати сообраќајни контроли.

20.06.2014 - 12:12
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега