Му го ставиле станот под хипотека и си земале кредит - еве како се збогатиле четворица итри скопјани

 

Четворицата скопјани Ч.Т. (57), Т.Т. (48), Д.К. (28) и З.М. (56) заработија кривични пријави под сомнение дека извршиле измами при добивање кредит, за фалсификување исправа и поттикнување и соизвршителство.

Според информациите од полицијата, на 19 јуни минатата година, Т.Д. поднел кривична пријава против непознат сторител, како и кривична пријава против Стопанска банка АД Скопје, за кривично дело – „фалсификување исправа“ - лична карта со фотографија од непознато лице, а со податоци на пријавениот Ч.Т.

Личната карта била искористена во постапка пред Стопанска банка за одобрување станбен кредит за Ч.Т., како и пред нотар од Скопје, при солемнизирање на договорот за кредит. Благодарение на лажната лична карта, станот во сопственост на Т.Д. бил ставен под хипотека, а тој без воопшто да знае станал заложен доверител за кредит во износ од 19.000 евра, или во денарска противвредност 1.142.700 денари. Парите ги “лапнал“ итриот Ч.Т.

Полицијата открила дека во јануари 2013 година, на барање на Т.Т., З.М го пронашол Ч.Т. и го убедил во негово име да подигне кредит од Стопанска банка и потоа да ги поделат парите. Т.Т. потоа изготвил фалсификувана документација за работен однос за Ч.Т. според која тој е вработен во фирмата „Бизнис мет комерц“ на која Т.Т. бил сопственик и управител, без регулиран работен однос. Воедно, Т.Т. изготвил и лажна потврда за исплатени плати и потврда за редовен работен однос, по што пополниле  барање за потрошувачки кредит на име на Ч.Т. кој заедно со придружната документација го поднеле во Стопанска банка АД Скопје, филијала Капиштец.  Тие приложиле и имотен лист за станбен простор кој всушност му припаѓал на Т.Д. и негова изјава дека тој е согласен да биде гарант за предметниот кредит со неговиот имот.

Кредитниот одбор на банката го разгледал барањето и приложената документација и извршувајки проценка на станот го одобрил станбениот кредит. Ч.Т. потоа со уште едно непознато машко лице, со фалсификувана лична карта со податоци на жртвата, отишле кај нотар каде бил изготвен нотарски акт. Измамниците приложиле и фалсификувана изјава од Т.Д., која пред нотарот со фалсификуваната лична карта на име на Т.Д. ја потпишало непознатото лице. Така, нотарот воспоставил заложно право на станот.

На 5. февруари минатата во експозитура на Стопанска банка во ГТЦ, во присуство на Д.К., на Ч.Т. му се исплатени кредитни средства во висина од 19.000 евра. Пред банката се нашле со Т.Т., З.М. и уште едно непознато машко лице. Тие меѓу себе си ги поделиле парите.

На 12-ти овој месец, во близина на пазарчето во скопско Драчево бил пронајден и уапсен Ч.Т. Потоа на службен разговор е повикан и З.М. кој објаснил како ја извршиле големата измама.

Во тек се преземање на мерки и дејствија за пронаоѓање на пријавените Т.Т. и Д.К., кои до овој момент се недостапни. Полицијата работи и на идентификување на непознатото машко лице, кое употребило фалсификувана лична карта со податоци на жртвата.

Тројца од четирите пријавени лица веќе и се познати на полицијата: против Т.Т. се поднесени осум кривични пријави за извршени вкупно 16 кражби и измами, за кои од надлежен суд му се изречени пет казни затвор и една условна казна затвор. Против Д.К. се поднесени две кривични пријави за извршени две дела “тешка кражба“ за кои му е изречена една условна казна затвор и една мерка „Засилен надзор од родител – посвоител“ како и против З.М. пет кривични пријави за извршени шест кривични дела (две “фалсификување исправа“ и по едно “измама при добивање кредит или друга погодност“, “фалсификување пари“,  “загрозување на безбедноста на сообраќајот“ и “кражба“) за кои од надлежен суд му се изречени две казни затвор, една парична казна и една мерка „Засилен надзор од родител – посвоител“.

16.06.2014 - 12:24
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега