“Летнаа“ уште седум кривични пријави за протестите во Ѓорче Петров
Уште седуммина скопјани си заработија кривични пријави за учеството во протестите во скопската населба Ѓорче Петров. Станува збор за скопјаните А.В (24), А.И. (53), Ф.С. (21), М.Г. (18) М.З. (17), П.Ј. (16) и С.Т. (16), кои за време на протестите на 19. и 20. мај годинава, предизвикале штета од околу 18.000.000 денари, а А.В. и П.Ј. се стекнале и со противправна имотна корист од околу 191.800 денари. На А.В., му е одреден и 8-дневен притвор.
-Пријавените на 19. мај околу 19 часот, се собрале пред болницата „Св. Лазар“ во населба Ѓорче Петров, со цел да изразат револт во врска убиството на Ангел Петковски, како и насилствата и кражбите што се случуваат во населбата Ѓорче Петров, кои според кажувањето на мештаните, ги вршат лица од околните села, а притоа за влегување и излегување од населбата ги користат пешачкиот мост од рекреативниот центар Сарај и пешачкиот мост кај стадионот на ФК Македонија. Насобранта толпа, по изразениот револт пред болницата, почнала да се движи по улица „Ѓорче Петров“ при што пријавените А.В., А.И., Ф.С:, М.З. и П.Ј.учествувале во каменување на два автобуси на ЈСП и оштетување на шест објекти кои се лоцирани по ул. „Ѓорче Петров“ како и казиното „Сенатор“. Покрај каменувањето на автобусите и оштетувањето на објектите А.В. и П.Ј. во казиното „Сенатор“ извршиле и кривично дело тешка кражба, при што одземале пари и се стекнале со противправна имотна корист од околу 191.800 денари, стои во денешното соопштение на МВР.
Наредниот ден, се вели во соопштението, кога повторно поради истата причина, биле организирани протести во населбата Ѓорче Петров, П.Ј., С.Т. и М.Г., водени од една група маскирани лица, повторно влегле во казиното „Сенатор“, при што учествувале во демолирање и палењето на инвенатарот, кој од претходниот ден останал необезбеден во објектот.Инаку, од седумтемина пријавени, само П.Ј. и С.Т. се регистрирани нарушители на јавниот ред и мир за што им се поднесени соодветни прекршочни пријави.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа