Од утре почнува да се гради уште една фонтана на плоштадот во Скопје
Екипите на Град Скопје од утре ги почнуваат градежните работи за изведба на површинска, таканаречена сува фонтана (џампинг џет) на плоштадот Македонија" на просторот меѓу фонтаната Воин на коњ" и влезот во Камениот мост. Фонтаната ќе биде со правоаголна форма, со димензии 20 на 10 метри и вкопано армирано-бетонско корито. Површината врз армирано-бетонското корито ќе биде изработена од светло сиви гранитни плочи со димензии 60 на 60 сантиметри и со дебелина од 10 сантиметри, пишува Вечер
На плочите од фонтаната ќе бидат поставени ЛЕД-светилки со отвори за вградување млазник. Фонтаната ќе ја сочинуваат 128 млазници со 128 светилки. Визуелниот ефект на фонтаната ќе се постигне со игра на млазевите, а навечер и со игра на светлата.
Во близина на фонтаната ќе се изведе комора/машинска хала, во која ќе се постави неопходната опрема за работењето на фонтаната: сензори, скимери, филтри, сонди и друго. Покрај изведбата на површинска фонтана на плоштадот Македонија", ќе се изврши и реконструкција на партерот на плоштадот.
Водата што прска од млазниците ќе понира меѓу плочите и ќе се враќа во системот. Атмосферските води од партерот преку каналетки ќе се одведуваат преку постојната атмосферска мрежа.
Реконструкцијата на партерот на плоштадот Македонија" ќе се врши етапно за да се овозможи непречено движење на пешаците во текот на градежните работи. Фиксно оградено градилиште ќе се формира околу просторот за новата површинска фонтана, а другите делови ќе се обновуваат во фази. Проектот за изградба на површинската фонтана и за реконструкција на партерот на плоштадот "Македонија" е на Јавното претпријатие за просторни и урбанистички планови - Прилеп, а на терен ќе работат екипите на градежната компанија Трансмет" од Скопје. Овој проект ќе чини околу 150 милиони денари, од кои Град Скопје ќе обезбеди една третина од средствата, а Владата на Република Македонија - две третини од средствата.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа