Милошоски: Грција одолговлекува со цел Србија да влезе во ЕУ пред Македонија

Во Грција сè уште имаме позиција која решението за спорот не го гледа како главна цел во однос на Македонија, туку неговото одолговлекување со цел Македонија што подоцна да се приклучи во меѓународните организации каде што Грција е веќе членка, вели поранешниот министер за надворешни работи Антонио Милошоски.

- Во прилог на тоа ќе ја кажам изјавата што во една тет-а-тет средба со тогашната колешка Дора Бакојани ми беше кажана во Мадрид, кога Шпанија претседаваше со ОБСЕ. Таа кажа дека позицијата на официјална Атина е таква што тие ќе ги направат сите можни чекори и ќе ги преземат сите можни дејствија Македонија да не стане членка на ЕУ, пред тоа да стане Србија, вели Милошоски во неделното интервју на Радио Слободна Европа.

 

То не верува дека до Самитот на НАТО може да се случи конечно решение, пред се, поради прекраткото време, во кое би требало да има сериозен, издржан предлог, редовни консултации.

 

- Еден од предусловите за да се стигне до конечно решение е да има и македонско-грчки дијалог на што е можно повисоко политичко ниво, но гледаме дека од грчка страна изостанува таквата волја. Ниту грчкиот премиер, ниту грчкиот министер за надворешни работи или претседател во моментов не покажуваат спремност да имаат личен, тет-а-тет, очи в очи дијалог со своите македонски колеги и тоа не го олеснува начинот на изнаоѓање на решение, вели поранешниот шеф на македонската дипломатијата.

 

Во врска со изјавите на Али Ахмети околу последните предлози на Нимиц, Милошоски истакнува дека имаат различни ставови со ДУИ во однос на тоа прашање по две работи.

 

- Првата работа е тоа што ние гледаме да не избрзуваме со изложување на нашите ставови во јавноста, затоа што изложување на секој став не му прави добра услуга на кој било предлог. Ако македонската страна каже дека некој предлог е неприфатлив, тогаш тоа е сигнал за грчката страна да го каже спротивното, и обратно, ако македонската страна каже за некој предлог дека е добра основа, тоа најчесто било сигнал за официјална Атина да го одбие веднаш таквиот предлог. Затоа сметаме дека изложување на ставовите по однос на спорот за името е најдобро да бидат канализирани во дипломатската комуникација која се одвива на релација Македонија-ОН-посредникот Нимиц и официјална Атина.

 

Втората работа, додава, по која имаат разлики со коалициониот партнер по ова прашање е начинот на одлучување и стигнување до конечно решение.

- Ние сметаме дека конечното решение и одговор треба да биде резултат на изјаснување на граѓаните на референдум. Од ДУИ не го негираат да речам тоа како можна варијанта, но сепак гледаме дека не се најзадоволни со една таква процедура при решавањето на ова прашање, затоа што за нив времето на решавањето на спорот е поважно од квалитетот на решението на македонско-грчкиот спор, додека за ВМРО-ДПМНЕ квалитетот и долготрајноста на можното решение меѓу Македонија и Грција е поважно од временските рамки што некој се обидува да ги наметне, изјави Антонио Милошоски.

01.06.2014 - 12:49
Фото: 
лидер
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега