МВР: Кривична пријава против високи полициски функционери за трагедијата во Кочани

 


МВР поднесе кривична пријава против седуммината високи полициски функционери од полицијата во Штип и Кочани за кривично дело „тешки дела против општата сигурност“ со кривично дело „предизвикување општа опасност“.

Од МВР информираа дека кривичната пројава е поднесена против В.П (главен инспектор за сообраќајни работи во Штип.), В.Н. ( самостоен инспектор за планирање, резервен состав, превенција и справување со кризна состојба во Штип), Ј.Т. (началник на Одделение за полиција во СВР Штип), Б.Г. (началник во Штип), В.И. (документарист во Полициската станица Кочани), Г.И. (заменик командир на Полициската станица Кочани) и А.М. ( началник на Одделение за внатрешни работи Кочани).

Според МВР, првопријавен е главниот инспектор за сообраќајни работи во Штип кој заедно со В.Н., на 6 март 2023 година, до Министерство за економија доставиле известување каде, спротивно на членот 6 став 3 од Законот за угостителска дејност, констатирале дека кабарето „Пулс“ од Кочани ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај и покрај тоа што не извршиле целосна проверка пред да ја издадат позитивната согласност за издавање на лиценца за кабаре.

Началникот на Одделението за полиција во СВР Штип за време и началникот од СВР Штип, истиот ден го одобриле и потпишале известувањето до Министерство за економија во кое е констатирано дека кабарето ги исполнува законските услови во делот на заштита на јавен ред и мир и во делот на сообраќај.

Понатаму, документаристот во кочанската полиција, истиот ден изготвил телеграма во која не дал точни и целосни податоци дека во и во близина на кабаре „Пулс“ има пријавени нарушувања на јавен ред и мир и пријавени кривични дела, односно дал податоци само дека против фирмата и против одговорното лице таму се поднесени две барања за поведување прекршочна постапка.

Заменик командирот од Кочани и началникот од Кочани, иако знаеле дека има повеќе пријавени нарушувања на јавен ред и мир во и во близина на кабарето, ја потпишале телеграмата, со што не постапиле според прописите за мерките за заштита и не извршиле целосна и детална проверка во врска со издавање на позитивна согласност за издавање лиценца за кабаре, велат од МВР.

По наредба на јавен обвинител од Основно јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција дадена е наредба за приведување и нивно спроведување на суд.

19.03.2025 - 17:17

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега