ФОТО: Иванов ги прими акредитациите од новите амбасадори

Претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов денеска ги прими акредитивните писма на новоименуваните амбасадори на Република Полска, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Народна Република Кина и Република Албанија.

akreditivi-polskaa500

На средбата со новоименуваниот полски амбасадор Јацек Стефан Мултановски, како што соопшти кабинетот на Иванов, било изразено задоволство од политичкиот дијалог и севкупните односи  меѓу двете земји, како и очекување за натамошно јакнење на соработката во сферата на економијата.

Македонскиот претседател во поздравното обраќање се заблагодарил за досегашната поддршка од Република Полска на планот на европските и евроатланските интеграции и изрази надеж дека таа ќе продолжи и во наредниот, за нас исклучително важен период. - Република Македонија бара еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај, порачал претседателот Иванов.

akreditivi-polska500

Новиот амбасадор на Полска го реафирмирал интересот за развој на економската соработка и изрази уверување дека негова главна цел ќе биде интензивирање на односите во сите области. - Мојата земја активно ја застапува политиката на проширување. Република Македонија може да смета на полската поддршка во ЕУ и евроатланскиот интеграциски процес, порачал амбасадорот Мултановски.

На предавањето на акредитивните писма од новоименуваниот амбасадор на Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска, Чарлс Едмонд Гарет, претседателот Иванов изразил очекување за натамошно интензивирање на соработката и поддршка на патот кон ЕУ и НАТО.

akreditivi-bbritanija500

- Република Македонија е решителна и одлучна во исполнувањето на поставените стратешки цели, членството во НАТО и во Европската унија. Република Македонија ги исполни сите критериуми за членство во Алијансата и е подготвена веднаш, неодложно да ја започне следната фаза во интеграцијата во ЕУ. Република Македонија бара еднаков и фер третман од земјите-членки на ЕУ, односно очекуваме позитивниот пример на паралелно движење во интеграцијата и  во надминувањето на билатералните прашања да биде применет и во нашиот случај. Република Македонија истовремено бара почитување на меѓународното право и на меѓународните обврски. Членството на Република Македонија во НАТО не е придобивка само за нас, туку и за Алијансата и за нашиот регион. Искрено очекувам и се надевам дека Обединетото Кралство ќе ги има предвид нашите аргументи, нашите постигнувања и дека поддршката во реализацијата на нашите цели ќе продолжи и во наредниот исклучително значаен период, порачал македонскиот претседател во поздравното обраќање. 

akreditivi-britanija500

Новоименуваниот британски амбасадор ја потврдил поддршката од Обединетото Кралство за македонските аспирации за приклучување кон ЕУ и НАТО. - Би сакал да ја видам Република Македонија во рамки на евро-атлантското семејство на народи. Посветеноста на Република Македонија и придонесот кон одржувањето на меѓународната безбедност и градење на мирот е добро позната. Ја користам оваа прилика да ја искажам почитта кон придонесот на Македонија во операциите предводени од НАТО, ЕУ и ООН и вашата амбиција да продолжите со тој придонес, истакнал во обраќањето амбасадорот Гарет.

akreditivi-kina500

На средбата со новоименуваниот амбасадор на НР Кина, Вен Џеншун двајцата соговорници изразиле подготвеноста за активна и блиска соработка и натамошно унапредување на пријателските односи.

- Со заемен ангажман постигнавме многу и сметам дека можеме да бидеме задоволни од нивото на пријателски односи и од степенот на развој на соработката кои ги постигнавме. Затоа со задоволство можам да ја повторам констатацијата од неодамнешна средба со мојот колега Неговата Екселенција г-дин Си Џинпинг – дека денес односите меѓу Република Македонија и Народна Република Кина се на историски највисоко ниво, истакнал претседателот Иванов посочувајќи ја досегашната успешна соработка во економијата, инвестициите, инфраструктурата, образованието.

akreditivi-kinaa500

Во своето обраќање новиот кинески амбасадор го поздравил постигнатиот напредок во Република Македонија и позитивната улога во промовирање на регионалната стабилност и соработка. - Кина придава значење на унапредување на односите со Македонија. Подготвени сме заеднички да ги  зацврстиме политичките односи, да ги искористиме сите можности за соработка меѓу Кина и земјите од централна и источна Европа, и да ја прошириме соработката во сите сфери од заеднички интерес со цел унапредување на нашите пријателски односи, порачал амбасадорот Џеншун.

akreditivi-albanija500

На средбата со новиот амбасадор на Албанија, Петрит Бушати, двајцата соговорници го потврдиле интересот за натамошно развивање на добрососедството, билатералната соработка и остварување на заедничката стратешка определба - членството во ЕУ.

- Добрососедските односи и соработка се еден од приоритетите на Република Македонија и целосно сме подготвени за блиска соработка и реализирање на заеднички проекти насочени кон севкупно подобрување на односите и поврзаноста на нашите општества. Подеднакво важно е и да креираме амбиент и услови, во кои бизнис заедниците од двете земји ќе можат поуспешно да соработуваат, порачал претседателот Иванов.

akreditivi-aalbanija500

- Албанија е подготвена да го поддржи членството на Република Македонија во НАТО, верувајќи дека тоа ќе придонесе за зголемување на стабилноста и мирот во регионот, истакнал амбасадорот Бушати во обраќањето по повод предавањето на акредитивните писма.

Претседателот Иванов, како што соопшти неговиот кабинет, на новоименуваните амбасадори им посака успех во вршењето на одговорната дипломатска должност.

МИА

29.05.2014 - 17:23
 
 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега