СДСМ: Не размислуваме за оставки во Собранието
Социјалдемократите не размислуваат за оставки во Собранието, пишува Дневник, повикувајќи се на официјални информации од Бихаќка.
„На „Бихаќка“ се уште не размислуваат за поднесување оставки од страна на избраните пратеници од коалицијата на СДСМ како најлесен и уставен начин да ги прекинат пратеничките мандати ако не ги сакаат, т.е. опстојуваат на ставот дека не ги признаваат изборните резултати од 27 април. За нив било доволно тоа што се поднесени изјави за неприфаќање на мандатот, како и поднесената тужба. Што понатаму би се случувало со СДСМ, не соопштуваат“ - пишува Дневник.
- Изјави за неприфаќање на мандатите од страна на кандидатите за пратеници од опозицијата, согласно законот, се веќе поднесени и до Собранието на РМ и до ДИK. Тече рокот од 7 дена во кој Управниот суд треба да се изјасни за барањето за изрекување привремена мерка за одложување на правните последици од насилната верификација на мандатите. По одлуката на Управниот суд, ќе ги соопштиме следните чекори - велат од СДСМ за Дневник
Весникот пишува дека тужбата на СДСМ против Собранието до Упраниот суд е неиздржана, бидејќи овој Суд не е надлежен да решава за одлуки донесени од законодавниот дом.
„Според Уставот и строгата поделба на власта на зaконодaвна, извршна и судска, јасно е дефинирано дека Собранието е носител на законодавната власт во државата. Актите што при тоа ги носи, на пленарна седница, се општи, а не поединечни, правни акти. Тоа значи дека за нивно евентуално оспорување, согласно Уставот, исклучиво надлежен е Уставниот, а не Управниот суд, кој треба да одлучува дали ваквата одлука на Собранието е согласно Уставот и постојните законски прописи.
Спорно е дали ваквата тужба е можна имајќи предвид дека Собранието не е управен орган, а актите што ги носат пратениците на седница (не актите на собраниските служби и администрацијата) не се управни акти.
Имено, според Законот за управна постапка, управни акти се тие со кои се решаваат управни работи за правата и обврските на одредени лица, а кои се донесени од министерствата, органите на државната управа, други државни органи, правни лица што имаат јавни овластувања, како и органите на општините. Управни работи се сите акти и дејства преку кои се изразуваат и извршуваат надлежностите на јавната администрација. Според Законот за управните спорови пак, спор пред Управен суд може да се води само против управен акт.“ - пишува Дневник
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа