ДИК го потврди легитимитетот на изборите
Државната изборна комисија денеска едногласно го изгласа извештајот за спроведените претседателски и вонредни парламентарни избори. Членовите предложени од СДСМ на чело со претседателот на ДИК Никола Рилковски, исто така го поддржаа извештајот, со кој се констатира изборот на 123 пратеници, вклучително и пратеничките места кои ги доби СДСМ.
-Набљудувачите од Меѓународната набљудувачка мисија за изборите имаа непречен и целосен пристап во текот на отворањето на избирачките места, а процесот е позитивно оценет во 88 од 92 набљудувања. Во начелно позитивната оценка на гласањето според набљудувачите, процесот беше оценет како добар или многу добар во 96 отсто од набљудувањето, стоеше во извештајот од ОБСЕ/ОДИХР.
Голем број на влијателни европски политчари изминатите денови остро ја осудија одлуката на СДСМ да не ги признава резултатите од изборите. Еден од нив е и Кристине Мутонен, Специјален координатор назначен да ја води краткорочната набљудувачка мисија на ОБСЕ на прес-конференцијата во Скопје.
-Како искусни политичари и граѓани на европски демократии, никогаш не поттикнуваме политики на бојкот кога станува збор за изборите. Со жалење слушаме дека главната опозициска партија реши да не ги признае изборните резултати. Упатуваме силен поттик до сите политички лидери да работаат конструктивно, заеднички, за да гарантираат непречено одвивање на постизборната фаза и редовен почеток на мандатот на законодавната власт, истакна Мутонен.
Од друга страна, Шилегов, уште еднаш на својот Фејсбук профил ја потврди одлуката на Централниот одбор на СДСМ за враќање на мандатите: - -Во Македонија, после долго време, демократијата ја покажа целата своја убавина. Мандатите им ги вративме на граѓаните, напиша Шилегов откако кандидатите на СДСМ за пратеници на нотар потпишаа дека се откажуваат од мандатите.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа