Се јави и официјална Тирана: Нема влада без албанска партија во Македонија

 

За прв пат официјално се изјасни висок функционер на Албанија. Албанскиот министер за надворешни работи, Дитмир Бушати во интервју за „Гласот на Америка“, изјави дека Албанците се државотворен народ во Македонија и дека не можеше да се замисли и да се верува дека некој може да владее во оваа држава без учество на Албанците, пренесува АлсатМ

„Никогаш не би сакал да верувам дека некој можеше да има власт во Македонија без солидно учество и јасен придонес на албанскиот политички   фактор, бидејќи поважно од решавањето на прашањето со името на Македонија или од билатералните несогласувања на Македонија со различни земји од регионот, најважна е стабилност и нејзиното закотвување во евроатланските интеграции, што ќе следува само со јасна соработка и  целосно почитување на духот на Охридскиот договор“, вели Бушати.

Бушати го повика албанскиот политички фактор во Македонија на поголема соработка. Тој во интервјуто за Гласот на Америка, кажа дека е во постојан контакт со албанскиот фактор, но и со македонскиот политички фактор. 

„Секогаш сум апелирал за поттикнување на поголема кохезија на албанскиот политички фактор, и тоа за претседателските и за парламентарните избори. Важно е да се истакне дека иднината на Македонија, нејзината демократска стабилност, нејзиното проектирање во регионот и закотвување во евроатланските интеграции, многу ќе зависат од начинот како се спроведува Охридскиот Договор. Овој договор е основа за модернизација на македонската држава и ваквата модернизација не може да се концепира без јасна соработка меѓу двете главни државотворни заедници во Македонија. Се надевам дека од овие избори и албанскиот политички фактор ја научи лекцијата“, додава Бушати.

Ова Бушати го изјави за Гласот на Америка, каде освен случувањата во Македонија ја коментираше и ситуацијата во Косово и во Украина. 

05.05.2014 - 21:08

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега