Груевски: Почнуваме да го реализираме тоа што го ветивме

Премиерот Никола Груевски гостуваше во вестите на Канал 5, каде што разговараше за имплементирање на новите мерки.

-Почнавме со реализирање на ветеното. Ние ветивме многу работи пред граѓаните и треба да брзаме. Денеска Владата заседаваше на голем број точки. Една од важните работи што се донесоа е моето прво ветување што го дадов на митингот во Скопје. Првата мерка која ја кажав беше намалување на ДДВ за неколку производи. Тоа денеска беше прва точка на дневен ред, истакна тој.

Груевски потенцираше дека со оваа мерка ќе се намали и цената на овие производи, а исто така ќе се зголеми и конкурентноста на пазарот.

-Ова значи потенцијално намалување на цените на овие производи, сточна храна, адитиви за сточна храна, жив добиток. Тоа е многу важно за земјоделците. Втората група е училиштен прибор и производи што се поврзани со потреба на бебиња. Голема е помошта за земјоделците бидејќи цените на месото и производите од месо и млечни производи потенцијално ќе се намалат за околу 13%. Не само што граѓаните ќе имаат поевтин производ, туку и самите фирми ќе станат поконкурентни. Особено оние што извезуваат. Тие ќе станат поконкурентни и оние кои се борат со увозот во Македонија, изјави Груевски.

Како што истакна премиерот, за ова прашање долго се разговарало со земјоделците и се изготвиле пресметки. Тоа беше ветено во програмата и како што додаде премиерот, започнува со реализација.

-На денешната пресконференција беа наброени производите кои влегуваат под категоријата училишен прибор, кои исто така ќе бидат со цени намалени за 13%. Буџетските импликации се пресметани, на годишно ниво ќе бидат околу 300 милиони денари, а годинава околу половина бидејќи половина од годината ќе бидат во примена. Законот денес беше усвоен, а парламентот најдоцна до 15 мај ќе се конституира и ќе почне да ги усвојува законите. Најдоцна на почеток на јуни ќе се усвои и ќе стапи на сила, изјави премиерот.

Со оваа мерка, истакна Груевски, граѓаните ќе имаат и заштеди од околу 5.000 или 6.000 денари годишно.

-Веќе дадов инструкции до министрите да почнат се што имаме дадено ветување за 2015. Повеќето предвидени за 2014 и 2015 се веќе во работа. Еден од поважните е законот за еднократно отпишување на долгови. Затоа прв кој го повикав беше министерот за финансии и побарав веднаш да се стави законот во работа. За неколку недели ќе биде готов. Разговарав со министерот за транспорт да преземе чекори во разговор со директорот на железница да почнат да ги реализираат работите, слободни викенди за млади, пензионери, заклучи тој.

Премиерот истакна дека ќе се реализира се што беше ветено, затоа што, како што изјави тој, довербата која им беше дадена од народот, мора да се оправда.

02.05.2014 - 11:24

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега