ОМД бара преиспитување на стратегиите за гласање на дијаспората

Обединетата македонска дијаспора вчера во Вашингтон имаше средба со министерот за надворешни работи Никола Попоски,  на која ја повтори својата поддршка за евроинтеграцијата на Македонија и ја охрабри македонската влада да ги зајакне своите напори во странство за добивање покана за членство во НАТО на Самитот во Велс во септември оваа година.

- ОМД го пофали министерот Попоски за учество на конференцијата на Атлантскиот совет - Кон Европа, цела и слободна - во која беа вклучени говори од потпретседателот Џо Бајден, државниот секретар Џон Кери и претседателот на Европската комисија Хозе Мануел Баросо, соопшти ОМД.

Обединетата македонска дијаспора бара и преиспитување на  стратегиите за гласање на дијаспората, политиките и деловните практики, со цел да генерира многу поширока поддршка од македонската дијаспора низ светот, особено во Австралија, како и во однос на квалитетот на парламентарна застапеност, легитимитетот и поврзувањето меѓу државата, пратениците од дијаспората и другите клучни чинители.

- Сегашниот модел за гласање на дијаспората привлекува само помалку од 1 процент од глобалната дијаспора. Тоа не значи и привлекување на најдобрите и најпаметните кандидати за високочувствителната улога на пратениците од дијаспората, чија задача е да се изградат односи со клучните чинители во Австралија и Македонија на парламентарно, на ниво на заедница, истражување и бизнис, рече директорот на ОМД за Австралија Ордан Андреевски.

Како што невдува во соопштението, ОМД верува дека реформите во изборниот процес треба да се спроведуваат за да се овозможи полесна регистрација на гласачите, како и електронски начин за гласање на дијаспората или преку поштенски гласачки ливчиња, особено во областите каде не постои македонска амбасада или конзулат во непосредна близина.

На средбата со Попоски, претставници на ОМД разговарале и за  можноста Македонија да отвори конзулати во Мајами и Лос Анџелес во САД и во Перт и Сиднеј во Австралија, со оглед на големината на македонските заедници како и за подобрување на можностите за странски инвестиции од тие градови

02.05.2014 - 09:36

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега