И Грците признаваат: Не знаеме каде одиме во спорот со Македонија

 

Останувам на ставот дека Грција треба да го признае уставното име на Република Македонија, вели за „Дневник“ грчкиот новинар и аналитичар Такис Михас, по објавувањето на анализата под наслов „Македонија и Источна Германија“ во која говори за тоа колку се коректни и конзистентни, но и селективни ставовите на грчката надворешна политика.

- Ако направиме анкета во целиот свет и ако ги прашаме сите земји што мислат за прашањето за името, 99 отсто ќе речат дека го поддржуваат мислењето на Македонија да се вика Република Македонија, изјави Михас.

Според него, причината за ваквиот одговор не е ниту оти знаат многу за историјата на Македонија ниту дека им е многу грижа за Македонија.

- Единствената причина зошто би го рекле тоа е стандардната дипломатска практика. Таа стандардна практика значи да го почитуваш името со кое се нарекува владата на една суверена земја. И тоа треба да се почитува, а не дека јас или некој друг е загрижен за тоа која е историјата на Македонија, вели Михас и додава дека тој останува на ставот оти Атина треба да го признае нашето уставно име.

Kонтинуираното одбивање на Грција да го признае уставното име на својот сосед, односно Република Македонија, се темели главно на два аргумента од страна на официјална Атина, пишува Михас во анализата. Првиот е дека ова име не кореспондира со историската и културна реалност, односно дека Македонија била само грчка, и вториот, дека употребата на терминот Македонија од една земја што опфаќа географски дел од Македонија значи експанзионистички амбиции.

Според него, ако овие два аргумента не се однесуваат само на соседната земја, туку се општи правила на грчката надворешна политика, значи дека Грција не признава држави чие име не соодветствува со политичката, историската и културната реалност. Нареден аргумент би бил дека Грција не признава држави чие име содржи експанзионистички ставови, а според власта во Грција, замената на само еден дел од името претставува експанзионистички став.

Михас додава дека треба да се постави прашањето не дали овие правила се коректни, туку дали Грција е конзистентна и дали секогаш се применуваат или тоа се прави селективно.

Kако доказ за селективноста, тој го зема примерот со Источна Германија. Во декември 1973 владата на грчката воена хунта официјално ја признала Источна Германија, откако претходно во 1971 тоа го сторила и Западна Германија.

- Грчките влади ја признаваа ДДР под уставното име Германска Демократска Република, а со тоа се прекршуваат две правила од кои се раководи грчката надворешна политика, наведува Михас.

Тој вели дека се крши едно од правилата бидејќи владата на ДДР не беше демократска, туку државата беше брутална еднопартиска диктатура, која подигаше ѕидови за да го спречи бегството на луѓето. Понатаму се крши уште едно правило, а тоа е дека во овој случај се користи името Германија и тоа од една држава која географски е дел од цела Германија.

- Па зошто Грција го направи тоа? Зошто не побара признавање на ДДР под името „еднопартиска диктатура во Источна Германија“? И зошто тоа го стори и Западна Германија? Зошто Бон не побара промена на името на Источна Германија, како што прави сега со грчка Македонија, пред да ја признае, прашува Михас.

Одговорот е едноставен, бидејќи кога Грција и Западна Германија ја признале ДДР со уставното име се раководеле од стандардната дипломатска практика, што значи признавање на реалноста во која името не содржи територијални аспирации.

- Признавањето на името имплицира единствено прифаќање на фактот дека има суверени права, вклучувајќи го и правото на именување, како што бил случајот со одлуката на Берлин и одлуката на владата во Скопје во случајот со Македонија – додава Такис Михас

29.04.2014 - 12:03

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега