Макрон: Неприфатливо е да се споредуваат Тајван и Украина

 

Кина денеска како двојни стандарди ги оцени обидите за поврзување на одбраната на Украина со потребата од заштита на Тајван од кинеска инвазија, што е едвај прикриена алузија на синоќешниот говор на францускиот претседател Емануел Макрон на безбедносната конференција во Сингапур.

Зборувајќи за ризиците од раскол меѓу Кина и САД, Макрон на состанокот за одбрана во рамките на дијалогот Шангри-Ла праша: „Доколку на Русија ѝ биде дозволено да преземе кој било дел од Украина без ограничувања, тогаш што би можело да се случи во Тајван?“. Во објава на Фејсбук, кинеската Амбасада во Сингапур изјави дека споредувањето на прашањето за Тајван со украинското прашање е неприфатливо.

„Двете се од различна природа и воопшто не можат да се споредат“, се наведува во соопштението, во кое се истакнува дека Тајван е целосно внатрешно прашање на Кина.

„Ако некој се обиде да ги осуди ’двојните стандарди’ со двојни стандарди, единствениот резултат што можеме да го добиеме се уште двојни стандарди“, се наведува во соопштението на кинеската Амбасада, во кое не се споменува директно Макрон, но е придружено со фотографија од него како зборува на настанот.

Пекинг претходно испрати министер за одбрана и други високи воени претставници на годишниот состанок, што завршува утре, но оваа година испрати делегација од релативно ниско ниво.

Кина го смета демократски Тајван за своја територија и го засили воениот и политичкиот притисок за остварување на тие аспирации, вклучително и зголемување на интензитетот на воените вежби, тврдејќи дека островот е една од нејзините провинции без право да се нарекува држава. Владата на Тајван ги отфрла тврдењата на Пекинг, велејќи дека само луѓето на островот можат да одлучат за својата иднина.

Американскиот министер за одбрана Пит Хегсет денес пред насобраните изјави дека Кина претставува непосредна закана и дека секој обид за освојување на Тајван би резултирал со катастрофални последици за Индо-Пацификот и светот.

Регионалните дипломати рекоа дека коментарите на Макрон не биле единствените такви за време на слободниот, неформален состанок, а ризиците од руска победа што ќе поттикне кинеска инвазија на Тајван повремено се појавувале во дискусиите на маргините на состанокот.

„Пораката од многумина кои ја поддржуваат Украина е дека таа линија мора да се одбрани ако треба да се испрати порака до Кина“, рече источноазиски претставник.

31.05.2025 - 16:16

 

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега