Собранието може да се конституира без оглед на одлуката на опозицијата

 

Неприфаќањето на изборните резултати е политичка констатација која доколку сака СДСМ да ја ефектуира на правен начин ќе мора да ги почитува правните прописи кои велат дека изборните резултати се ефектуираат во пратенички мандати, кои по моментот на нивната верификација започнуваат да произведуваат права и должности, изјави за МИА проф. д-р Тања Каракамишева-Јовановска од Правниот факултет во Скопје.

Појаснува дека ако СДСМ одлучат да не ги признаат изборните резултати ќе треба да поднесат оставка на нивните пратенички мандати.

- Без разлика каков ќе биде исходот од политичката одлука на партиските органи на СДСМ, постапката на конституирање на Собранието на РМ не е доведена во прашање, бидејќи согласно член 10, став 3 од Деловникот на Собранието на РМ, Собранието може да се конститутира ако на седницата присуствуваат мнозинство на избраните пратеници, вели Каракамишева-Јовановска.

Откако ќе се конституира Собранието на РМ, како што појасни, може нормално да продолжи со работа, но и со останатите дејствија, како што се давањето свечена изјава на претседателот на Републиката пред пратениците, неговото доделување на мандатот за состав на нова Влада на мандатарот, изборот на нова Влада на РМ и слично. Во однос на натамошните дејствија, ако пратениците на СДСМ одлучат да поднесат оставки, треба да се започне постапка на пополнување на испразнетите места.

Согласно Изборниот законик, по поднесените оставки, ако на листата на кандидати нема кандидати и ако се исцрпени основите за стекнување мандат на пратеник утврдени во членот 153 од Изборниот законик, се распишуваат дополнителни избори за избор на пратеници во изборната единица од која е избран пратеникот. 

- Значи варијантата на распишување дополнителни избори се однесува само на испразнетите места за пратеници, а не и повторни избори за сите пратеници во Собранието на РМ. Но, евентуалното одржување на дополнителните избори не значи нефункционирање, односно блокирање на работата на останатиот дел од Собранието. Самиот факт што Собранието има 89 пратеници, значи повеќе од 2/3 мнозинство од мандатите значи дека тоа може нормално да работи, нормално да одлучува и да функционира како стабилна институција, истакна Каракамишева-Јовановска.

Според Уставот на Република Македонија, новиот собарниски состав треба да се конституира најдоцна 20 дена по одржаните избори. Конститутивната седница ја свикува претседателот на Собранието од претходниот состав.

Доколку не се закаже конститутивна седница во предвидениот рок, пратениците сами се состануваат и го конституираат Собранието на дваесет и првиот ден од денот на завршувањето на изборите.

Мандатот на пратениците почнува да тече од конститутивната седница на Собранието.

29.04.2014 - 10:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега