Македонија ќе ги пречека претседателите од регионот со пастрмка и ајвар

 

Претседателите на самиот во Охрид ќе се возат со Пежо 508, ќе јадат традиционални јадења и ќе пијат домашни вина. Самитот кој ќе се одржи на 1 и 2 јуни ќе биде организиран на највисоко ниво. Покрај личните телохранители на претседателите, обезбедувањето на гостите ќе биде во македонска организација и тоа од прв степен – копно, вода, воздух. На менито за учесниците на Самитот на Процесот на соработка во Југоисточна Европа и на форумот на Дијалогот меѓу цивилизациите ќе се најде само традиционална домашна, македонска храна, најмногу риба, а склучен е договор и со шест македонски винарии.  И подароците за гостите ќе бидат со афирмација на македонските производи. Охридски бисер ќе добијат сопругите на претседателите. Според агендата, гостите ќе ги посетат комплексот „Св. Наум Охридски“, населбата „Залив на коски“ и црквата „Св. Софија“.

Официјално своето присуство го потврдија претседателите на Албанија, Бујар Нишани, на Хрватска Иво Јосиповиќ, на Молдавија, Николае Тимофти, на Црна Гора, Филип Вујановиќ, на Романија Трајан Басеску, на Србија, Томислав Николиќ, и на Словенија, Борут Пахор. На поканата на македонскиот претседател Ѓорѓе Иванов позитивно одговориле и претседавачот со претседателството на Босна и Херцеговина, Небојша Радмановиќ и министерот за надворешни работи на Турција, Ахмет Давутоглу. Претставник на Бугарија ќе биде премиерот Марин Рајков.Официјална Атина сеуште не одговорила на поканата, иако истата беше испратена уште пред неколку месеци. Се очекува присуство на грчки претставник, но останува да се види на кое ниво Грција ќе го проследи Самитот. 

Како учесници или специјални гости на двата настана се очекува да бидат претседавачот со Генералното собрание на ООН, Вук Јеремиќ, генералниот директор на УНЕСКО, Ирина Бокова, комесарот на ЕУ за меѓународна соработка и други познати европски личности. Самитот на шефови на држави и влади од ЈИЕ е најстарата автохтона политичка иницијатива во регионот. Ова е 16 ваков Самит и второ претседавање на Република Македонија. Првото беше во 2000-2001 година.

Досега се пријавени 120 македонски новинари кои ќе го следат Самитот и уште 30 тина странски кои ќе допатуваат со делегациите.

најчитано сега