САД и ЕУ: Очекуваме демократски избори во недела
Претставниците на САД и на ЕУ во Скопје ги повикуваа лидерите на политичките партии, како и релевантните државни функционери да обезбедат услови во кои сите граѓани на изборите во недела ќе можат да ја изразат својата волја непречено и слободно.
- Во недела, граѓаните на оваа земја ќе имаат можност да гласаат за да изберат свој претседател и претставници во Собранието. Кредибилни и транспарентни избори се носечки столб на секоја демократија. ОБСЕ/ОДИХР ќе врши проценка на целиот изборен процес, врз основа на меѓународните стандарди и на домашното законодавство, се наведува во заедничката изјава на Мисијата на САД и на Делегацијата на ЕУ.
По изборите во недела, се наведува во изјавата, очекуваме да работиме со новоизбраните лидери на земјата и со партиите во опозиција за зајакнување на политичкиот дијалог, фокусирајќи се на клучните реформски приоритети и движејќи ја земјата напред на патот кон евро-атлантска интеграција.
В недела на 27 април во Македонија ќе се одржи вториот круг од претседателските избори и предвремени парламентарни избори.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа