АНКЕТА: 68% од македонските граѓани сметаат дека религијата има позитивна улога

Анкетата на Вин/Галуп интернешнл спроведена во 65 земји во светот, меѓу кои и Македонија, покажала дека повеќе од половината од 66.806 испитаници сметаат дека религијата има позитивно влијание во нивната земја,

Според резултатите од истражувањето, 68 отсто од испитаниците во Македонија сметаат дека религијата има позитивна улога во земјата, наспроти 11 проценти кои се изјасниле дека има негативна улога.

На глобално ниво, 59 отсто од испитаниците веруваат дека религијата има позитивно влијание, додека 22 проценти сметаат дека религијата има негативно влијание. Во Западна Европа се бележи значително помало позитивно влијание (4%) во споредба со останатите региони во светот.  

Образованието, се наведува, е иманентен фактор за ставот кон позитивното влијание на религијата кај испитаниците. Оние со повисок степен на образование веруваат дека религијата има помало влијание. И во Македонија се забележува дека нето скорот, односно разликата помеѓу позитивното и негативното влијание, кај оние без образование изнесува 76 отсто и е повеќе од двојно поголем од оној кај граѓаните со највисок степен на образование (магистри и доктори на науки) 36 проценти.

На глобално ниво, протестантите и муслиманите се со најголем позитивен нето скор од дури 60 отсто, а пак најмал позитивен нетоскор од 24 отсто се забележува кај Хиндусите. На глобално ниво, земјата со најголем негативен нето скор е Либан (-43%).

Во Македонија, покажуваат резултатите, позитивниот нето скор за улогата на религијата во земјата е под битно влијание на перцепцијата на граѓаните кои со оптимизам гледаат на иднината (очекуваат 2014 да биде подобра од 2013), исто така влијание во иста насока се забележува и кај граѓаните кои општо земено се задоволни од животот кој го живеат (и кај обете категории нето скорот изнесува 61%).

Анкетата се спроведува во рамки на истражувањето „Крајот на годината“, кое е годишна традиција воспоставена уште од 1977 година. Оваа година беа интервјуирани 66.806 лица во 65 земји, а истражувањето се спроведе на национално репрезентативен примерок од околу 1.000 испитаници. Анкета беше спроведена во текот на октомври - декември 2013 година. Севкупната маргина на грешка изнесува +/- 3-5% со ниво на доверба од 95%.

Во Македонија „Крајот на годината“ беше спроведено со теренска анкета, лице в лице, во домот на испитаникот, на национално репрезентативен примерок од 1.214 испитаници на возраст над 15 години, во период од 8 до 14 ноември 2013 година. 

18.04.2014 - 14:03
Фото: 
Денешен

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега