ЕУ го одобри проектот за последната делница од пругата кон Бугарија

Делегацијата на Европската Унија вчера го одобрила  проектот за изработка на основен проект за делницата од железничкиот Коридор 8 од Крива Паланка до границата со Република Бугарија, соопштуваат денеска од Министерството за транспорт и врски.

За таа намена, информираат од Министерството, од страна на Европската Унија се алоцирани 3.5 милиони евра, средства кои претставуваат грант од ИПА компонентата за регионален развој во рамките на Оперативната програма за регионален развој.

-Во следниот период е предвидено да биде распишан јавен повик и се планира во првата половина од 2015 година да заврши постапката за избор на консултант кој ќе треба да го изработи основниот проект за рок од 20 месеци, се вели во соопштението од Министерството.

Со изработката на основен проект за оваа делница ќе се заокружи целиот проект за железничкиот Коридор 8, односно железничката пруга кон Бугарија со комплетна проектна документација.

Во моментов, информираат од Министерството за транспорт и врски, се работи на изготвување на основен проект за втората делница од оваа пруга, односно делницата од Бељаковце до Крива Паланка, а во март 2014 започнаа градежните работи на првата делница од Куманово до Бељаковце.

 

18.04.2014 - 12:30
Фото: 
Економски.мк

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега