Од утре прилепчани ќе се возат со градски автобуси

Директорот на Јавното претпријатие за урбанистичко планирање Бранко Нешкоски вчера на прес-конференција во Прилеп најави дека од утре ќе профункционира градскиот сообраќај.

Ќе функционираат  три линии со 6 автобуси, кои ќе се вкрстуваат и ќе ги покриваат главните пунктови во градот, а во иднина ќе се набават уште 4-5 автобуси.

За градоначалникот на Прилеп Марјан Ристески ова е исполнувањето на желбата на прилепчани прв пат да добијат организиран градски превоз.

- Линиите ќе почнат да функционираат, целосно да се опфати градот, а потоа ќе ги опфатиме и населените места, зашто Прилеп со Мариово е по површина една од најголемите општини во земјава, рече Ристески.

Билетот за градскиот превоз чини 20 денари, а ќе има попусти за користење дневни, неделни, месечни и годишни билети. Попусти имаат учениците и студентите за кои месечниот билет ќе биде 350 денари, а за граѓаните 600 денари. Неделен билет е 250 денари за неограничено возење. За лицата со посебни потреби градскиот превоз е бесплатен.

17.04.2014 - 11:22

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега