Мицов: Во Македонија нема повеќе од 18% Албанци - да се поништи Рамковниот договор

 

Етнички буџет, дводомен парламент, Бадентеров принцип на одлучување во судството, албанскиот официјален јазик на цела територија. Ова се некои од прашањата што симултано се отворија повторно за време на изборите, и тоа од партиите на македонските Албанци. Многу странски и домашни политички аналитичари без дилема ги оквалификуваа барањата како модел чија практика директно би го нарушила унитарниот карактер на Република Македонија. Отворено, тешко дека ќе се слушне оти македонските Албанци се залагаат за федерализација, но елементите што се бараат водат директно и недвосмислено кон тоа. Тоа се барања или параметри со кои се идентификува една федерална држава, а Македонија е унитарна држава. Тоа се барања што трасираат една политичка патека, која води кон федерална држава.
Приказната повторно ја почна ДУИ со барањето за консензуален претседател и кампањата за бојкот на претседателските избори. 

Според Стефан Влахов Мицов од Институтот за национална историја, целта на албанскиот фактор е јасна - прво федерализација на Македонија, а второ отцепување на западна Македонија од македонската држава. 

- Ова е планот што тие го туркаат од поодамна или од осамостојувањето на Македонија. Периодот 1991-2004 година е пораз за македонската државност. Тоа заврши со Законот за територијана поделба. 
Моментално де факто западна Македонија е откорната од преостанатиот дел на државата. Ова е видно таму и со албанските знамиња - вели Мицов. 

Според него, проблемот е што во периодот од 2006 година до денес не се преземаат мерки за спречување на албанската експанзија. 

- Тоа го гледаме и во денешната изборна кампања. Ахмети и Тачи зборуваат конкретно, македонските политичари молчат - укажува Мицов.

За тоа како да се одговори на барањата, тој вели дека прво мора да се создаде влада со минимална улога на албанскиот фактор, ако не може сосема да се елиминира. Второ, веднаш да се спроведе попис на населението за да се види колку Албанци има во Македонија. Ако се воспостави дека се помалку од 20 проценти да се поништи Законот за територијална поделба. Ако се повеќе, а тоа е малку веројатно, бидејќи има процени дека се помеѓу 13,5 и 18,5 проценти од населението да се спроведе референдум за поништување на законот. Тој оди дури и дотаму што вели дека треба да се поништи рамковниот договор од 2001 година. Предлага да се изгласа закон за одбрана на македонската државност со најстроги казни за прекршување на македонските закони и македонските Албанци да имаат такви права како што имаат и другите малцинства во Македонија и толку колку што имаат Македонците во Албанија. 

- Таквата политика на македонската влада ќе наиде на страшна реакција на Албанците, но и на дел од меѓународната заедница. Затоа мора македонската надворешна политика да побара алтернатива - вели Мицов. 

Во спротивно, според него, македонската агонија ќе продолжи до уништување на македонската држава и укажува дека проблемот е што не се гледаат македонски политичари и државници што ќе го спречат идното уништување на Македонија. 

Целата анализа прочитајте ја во Нова Македонија

15.04.2014 - 22:21

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега