Спасов: Грижата за ранливите категории и зголемувањето на социјалната помош наш приоритет
Продолжување на сите проекти за поддршка на ранливите категории граѓани и зголемување на социјалните парични надоместоци за повеќе категории граѓани најави денеска министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, на прес-конференција во ВМРО-ДПМНЕ.
- Грижата за социјално ранливите категории е еден од нашите приоритети. Поддршката на ова категорија граѓани е со цел подобрување на квалитетот на живот, но и нивно вклучување во иницијативите за социјална вклученост и социјална заштита. ВМРО-ДПМНЕ целосно се посвети на реализација на стратешките определби за достоинствен живот на сите граѓани на Република Македонија и тоа го предвидовме во нашата програма, рече Спасов, доавајќи дека следниот мандат Владата ќе ја зголемува социјалната помош по 5 проценти годишно, со исплатата за јуни секоја година. Тоа, рече, е пораст на социјалната помош од вкупно 21,5 процент, кој ќе се реализира ако не се случи сериозна надворешна криза, која би влијаела негативно врз економската и финансиска состојба во Република Македонија. Спасов напомена и дека ВМРО-ДПМНЕ во периодот од 2006 година до 2014 година, социјалната парична помош ја зголеми во просек за 47 проценти.
Предвидуваме, рече Спасов, зголемување на посебниот додаток за материјално необезбедени родители на деца со пречки во развојот за 25 проценти. Додатокот се обезбедува за дете кое има пречки во телесниот или менталниот развој (деца со инвалидност, ментална попреченост, тешки хронични заболувања, оштетување на видот, слухот или говорот).
- Висината на посебниот додаток до 2013 година се зголеми за 30 проценти, а износот на посебниот додаток за самохран родител кој има дете со специфични потреби кое има пречки во телесниот или менталниот развој се зголеми за 50 проценти, истакна министерот Спасов.
Најави дека ќе се зголеми и висината на посебниот додаток на примателите кои потекнуваат од материјално необезбедени семејства и кои имаат дете со пречки во телесниот или менталниот развој исто така, за 25 проценти, како и надоместокот за згрижувачки семејства кои се грижат за деца без родители, деца со пречки во развојот како и деца со воспитно социјални проблеми за 25 проценти.
- Владата на ВМРО-ДПМНЕ ќе продолжи со грижата за децата со пречки во развојот. Ќе продолжиме со зголемување и воведување на нови права за ранливите категории на население. Во наредниот период ќе воведеме и посебен додаток за сите деца со Даунов синдром. Со воведувањето на ова право значително ќе им се помогне на сите родители на децата со даунов синдром, рече Спасов.
Напомена и дека за ВМРО-ДПМНЕ од голема важност е квалитетот на животот и правилен развој на децата чии семејства се во социјален ризик, заради што ќе бидат обезбедени бесплатни тренинзи во повеќе спортски дисциплини.
Додаде дека во наредниот мандат Владата ќе овозможи и бесплатна рехабилитација и рекреација на деца со пречки во развојот во социјална установа за згрижување и рехабилитација на деца и младинци од 6 до 26 години и возрасни лица со телесен инвалидитет.
- Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ќе овозможи бесплатна рехабилитација и рекреација на деца со пречки во развој, деца со церебрална парализа, деца со посебни потреби (интелектуална попреченост) и телесен инвалидитет, приматели на посебен додаток, деца од згрижувачки семејства, како и деца кои посетуваат Дневни центри за деца со посебни потреби. Во рамки на проектот, на овие деца ќе им се овозможи низа активности кои ќе влијаат на подобрување на нивните вештини и способности. Годишно ќе се опфатат до 1000 деца и лица, рече Спасов.
Планирано е и ослободување од радиодифузна такса за семејствата корисници на социјална парична помош, проект кој вклучува ослободување од плаќање на радиодифузна такса на примателите на социјална парична помош за секое семејство, а како што најави Спасов, ќе продолжи мерката за заштита од енергетска сиромаштија за ранливите категории граѓани.
- Согласно постојниот модел за субвенционирање, за платена месечна сметка за електрична енергија ќе се исплатат по 700 денари на корисниците кои се квалификуваат за оваа помош. Во наредниот период ќе го зголемиме субвенционирањето за заштита од енергетска сиромаштија при што во 2015 година ќе изнесува 800 денари месечно, во 2016 година ќе изнесува 900 денари месечно, а во 2017 и 2018 година ќе изнесува 1000 денари месечно, истакна Спасов додавајќи дека ова се мал дел од проектите кои се однесуваат во областа за социјална грижа за граѓаните.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа