Најавите за инвестиции во Македонија топ тема во грчките медиуми - еве што напишаа

 

Сопственикот на DAMAC, една од најголемите градежни компании во Дубаи, Хусеин Сајвани е заинтересиран за инвестирање во Македонија. За ова денеска пишува грчкиот информативeн портал специјализиран за економија „Вориа“.

Според пишувањата на порталот, Сајвани се сретна со македонскиот министер за привлекување странски инвестиции Џери Наумоф на маргините на инвестицискиот самит кој се одржа од 8 до 10 април во Дубаи, при што е договорено претставници на компанијата во септември да ја посетат Македонија.

Во исто време, неколку грчки медиуми ја пренесоа и изјавата на вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски во врска со вградувањето на новата технологија во ревитализацијата на седумте хидроцентрали во Македонија, со која ќе се намалат загубите при производството и ќе се добива електрична енергија по еколошки пат.
- Владата на Република Македонија, започна низа проекти на полето на енергетиката, а еден од најазначајните е проектот за ревиталицизација на седумте хидроцентрали Вруток, Равен Врбен Шпиље, Тиквеш, Глобочица и Козајк, ја пренесуваат грчките гласила изјавата на Пешевски и додаваат дека проектот за ревитализација на хидроцентралите чини околу 33 милиони евра, и е финасиран 80 проценти од германската КфВ Банка, а останатите се директно вложување на АД ЕЛЕМ.

Пред неполн месец, грчкиот „Весник на уредниците“ го повика грчкиот премиер Андонис Самарас да учи од македонските власти како се привлекуваат странски инвестиции. Под наслов „Ние црвен тепих, соседите пакет понуди“, весникот објави анализа на грчката политика за привлекување странски инвестиции во која нагласи дека „македонската Влада нуди многу атрактивен пакет за потенцијалните инвеститори од странство, кој Самарас треба сериозно да го разгледа пред да почне да зборува за црвени теписи за инвеститорите“.

15.04.2014 - 11:06
Фото: 
Дневник

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега