Матуранти внимавајте што правите: Кампања за безбедни матурски прослави
Во пресрет на матурските вечери во мај, Одделението за превенција при Секторот за внатрешни работи денеска ја промовираше годинашната кампања со совети за матурантите и полуматурантите како да се однесуваат и на што да внимаваат кога ќе слават.
Министерката за внатрешни работи Гордана Јанкулоска рече дека превентивата е цел на кампањата, за младите да не бидат санкционирани или во опасност.
- Младите да бидат свесни дека несовесното однесување понекогаш може да ги чини живот, посебно во сообраќајот. За жал, во изминатата година имавме зголемен број сообраќајни несреќи со смртни последици, во кои жртви беа токму младите. За матурските прослави, ставаме јасно до знаење како треба да се однесуваат кога слават, за воопшто да не дојдеме во ситуација да го имплементираме законот. Цениме дека превенцијата е најдобар метод за почитување на законите и затоа вложуваме толку напори и енергија, рече Јанкулоска.
Министерката рече дека на младите им се презентираат и можностите кои ги нуди Владата за поддршка на образованието, како што е стипендирањето на секој што ќе се запише на првите сто рангирани универзитерти на Шангајската листа, односно на 200-те најдобри од областа на техничките науки.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа