Со многу подароци и насмевки на децата, заврши „Прегратка на дар“ на Бимилк и Рингераја

 

Заврши хуманитарната акција „Прегратка на дар“, која веќе трета година успешно се реализира во организација на интернет порталот „Рингераја“ и „Млекара Битола“ како главни покровители.

Со цел да се поттикне хуманоста и да им се помогне на децата во детските клиники што полесно да ги поминат деновите во нив, во изминатите 5 месеци се реализираа бројни активности - од децата за децата. Повеќе од 10.000 дечиња низ цела Македонија рачно изработија над 7.000 играчки и исто толку честитки, што беа дарувани на децата во детските одделенија на сите болници во државата, но и во СОС центрите и за Црвениот Крст. Покрај организаторите, во акцијата „Прегратка на дар“ учествуваа претставниците на „Иванов“ школата за млади лидери и г-ѓата Маја Иванова, првата дама на Р. Македонија, како и бројни други волонтери.

Во рамките на проектот беа реализирани 25 работилници во градинките во целата држава, за значењето на хуманоста и помагањето. Изработена е и отпечатена едукативна сликовница во 10.000 примероци и поделена на сите дечиња, учесници во проектот. Проектот опфати и повеќе настани - беше организирана голема изложба на рачно изработените играчки, прва од ваков вид во Република Македонија, а на интернет медиумот Рингераја.мк беше организиран натпревар за најкреативна играчка, при што беа наградени 5 градинки кои имаа најкреативни изработки.

Покрај благодарници на градинките учесници во проектот “Прегратка на дар”, од страна на генералниот покровител на проектот “Прегратка на дар” – БиМилк, беа наградени децата чија што изведба на драматуршката форма на сликовницата “Светот е мал за овој голем кашкавал”, беше најдобра.

„Оваа прекрасна хуманитарна акција успешно ја реализиравме и се надеваме дека ќе продолжи и во иднина. Нашата цел е уште од најрана возраст децата да го сфатат значењето на дарувањето, поддршката и помошта на другите, секојпат да се однесуваат со почит и внимание кон луѓето и околината. Оттука  и оваа акција се одвиваше под мотото: „Од децата за децата: грам љубов за тон здравје“. Изјави Полексена Ристевска, маркетинг менаџер на БиМилк.

 - - -

 

Проектот „Прегратка на дар“ ја доби Националната награда за најдобра општествена практика за 2012 година од страна на Координативното тело за општествена одговорност на претпријатија и ја претставуваше Македонија на „Европскиот систем за наградување на општествена одговорност на претпријатија“ во Брисел. Овој проект исто така е добитник на Европска награда за општествена одговорност која ја доделува Европската Комисија. 

10.04.2014 - 11:40

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега