Премиерот Груевски го честита Меѓународниот ден на Ромите

Претседателот на Владата, Никола Груевски, упати честитика по повод Меѓународниот ден на Ромите.

Дозволете ми, во името на Владата на Република Македонија и во мое лично име, на сите наши сограѓани, припадници на ромската етничка заедница, да Ви го честитам 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите и да Ви посакам многу здравје, успех, благосостојба и просперитет.

Меѓународниот ден на Ромите веќе осма година по ред се прославува како празник на ромската етничка заедница во Република Македонија, што претставува потврда за нашето почитување кон една автентична култура на луѓе кои живееле на овие простори. Ромската култура, срдечност и мирољубивост и денес се дел од современото општество, чија плуралност и разноликост останува наша вредност и традиционална рамка на соживот и соработка.

Ваквата наша поврзаност, раѓа и заеднички обврски во менаџирање и надминување на предизвиците кои се исправени пред нас, во насока на целосна интеграција на ромската заедница во општеството. Владата е целосно фокусирана во достигнувањето на оваа цел, за што од непроценливо значење е придонесот кој активно го даваат и припадниците на ромската заедница кои се дел од институциите на системот. Единствено преку заеднички ангажман, со меѓусебна почит и взаемна доверба, можеме да обезбедиме континуирано и одржливо подобрување на животниот стандард на нашите граѓани и да постигнеме прогрес во сите области на општествено делување. На тој пат одлучно ќе продолжиме да чекориме и во иднина.

            Испраќајќи Ви најискрени честитки, Ви посакувам добро празнично расположение, многу радост и бериќет во Вашите семејства.

 Нека Ви е честит 8 Април - Меѓународниот ден на Ромите !

08.04.2014 - 11:35

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега