Иванов во Василево: Функциите доаѓаат и си проаѓаат но човечноста останува! (ФОТО)

Претседателот Ѓорѓе Иванов кој е вотрката за втор претседателски мандат, денеска по Босилово, одржа митинг и во Василево каде исто така доби поддршка од безброј граѓани. Во продолжение ви го пренесуваме неговиот говор пред жителите на Василево во целост.

Добар ден, Василево и граѓани на сите други 17 населени места во општина Василево

Добар ден за сите присутни,

Добар ден за ВМРО-ДПМН Е и коалицијата за подобра Македонија.

Добар ден за пратениците,

Добар ден за министрите,

Добар ден за советниците и за градоначалникот.

            Се сеќавам пред пет години, заедно со Вашиот градоначалник тргнавме во кампања. Тој за да биде градоначалник, јас да бидам Претседател. Се сеќавам како одевме по калливи улици и како гледавме незадоволство кај земјоделците. Сега гледам како успева Василево. Само во последнава година, за година дена, три пати сум дошол во Василево. Не доаѓам само за избори, доаѓам и да Ви го честитам успехот кој го постигнувате. Успехот на вашиот тим предводен од градоначалникот. Ме прашуваат зошто сум доаѓал во Василево на празијада. Како да не дојдам да го почитувам народот кој си ја почитува традицијата. Си ги почитува обичаите. Како да не бидам на настани каде што се нашите граѓани. Секој има потреба од внимание, и вие тоа го заслужувате. Доаѓавме и со странски амбасадори, пред кои градоначалникот го презентираше успехот на Василево. Ги посетувавме новите објекти, новите компании.

            Ги гледам и земјоделците во последните години, како се чувствуваат кога еден млад тим дојде на чело на Македонија предводен од Никола Груевски. 500 милиона евра дадени се за субвенции. Но, земјоделието знае како тоа треба да го врати, со извоз на храна од Македонија, со извоз на квалитетни производи од Македонија. Тоа е успехот кога се работи тимски. Се работи тимски и со централната и со локалната власт и резултатите се видливи. Секаде каде и да одиме ги гледаме успесите.

            Низ Македонија се градат автопатишта. Ја нема веќе коцката за Радовиш. Се оди по асфалтен пат. Нема напуштени села, секаде нешто се работи, секаде нешто се прави, затоа што сите ваши потреби се дел од     Програмата на Коалицијата за подобра Македонија предводена до ВМРО-ДПМНЕ.

            Пред пет години Вашата доверба ја добив на основа на мојата програма, а за неа поднесов отчет.  Овој пат доаѓам повторно со своја програма, за следните пет години, да продолжи просперитетот и успехот на Македонија. Затоа што ние сме работливи луѓе. И јас потекнувам од земјоделски крај. И јас знам колку е мачно да се успее во животот кога се обработува земја, кога зависите од  времето, дали ќе биде суша, или поплава. Но и за сите непогоди кои се случуваат кај земјоделците, во пресрет излегуваат Владата, министерствата и помагаат. И натаму ќе помагаат.

            Но, не само за земјоделието. Гледаме колку нови фабрики се отвораат низ Македонија. Во последно време 120 илјади работни места се отворени низ Македонија. Сите тие луѓе имаат плата, создаваат семејства. И затоа секаде каде што одиме,  бараат градинки да се отвораат низ Македонија. Тоа е успехот на Македонија. Да создадеме и сегашност и иднина за идните поколенија. Затоа што функциите доаѓаат и си проаѓаат, но останува човечноста. Да помагаме на секој поединец, на секое населено место. Да бидеме сплотени и единствени. Тогаш и другите ќе не почитуваат. Тогаш и другите ќе ни честитаат. Само сложни и обединети постигнуваме успеси. Видовме како победуваат нашите спортисти. Победуваат затоа што работат како тим. Секаде успева Македонија. Успева затоа што сме посветени на она што сакаме да го постигнеме. Секој во животот мора да успее, за да биде успешна и Македонија.

Затоа што Македонија ни е изборот!

Затоа што Македонија ни е пред се!

Затоа што државата ни е пред се!

Да живее Василево.

Да живее Република Македонија 

 

31.03.2014 - 16:34

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега