Наредната година ФИНКИ ќе добие најсовремена зграда

ФИНКИ денеска одбележува тригодишен јубилеј. На свеченоста присуствуваше министерот за образование и наука, Спиро Ристовски, кој најави дека во текот на наредната година се очекува  да  почне изградба на зграда за потребите на Факултетот за информатички науки и компјутерско инженерство.

- Во најскоро време ќе почне изградбата  на објект и ќе биде една од најсовремените и најнови згради  соодветно на потребите на факултетот и со сосема доволни просторни услови за да се задоволат потребите на огромниот број студенти,  кои имаат интерес да се запишат на овој факултет, изјави  Ристовски по свеченоста.

Министерот потенцираше дека за ФИНКИ денес говориме како факултет со најголем раст, најголем број новозапишани студенти и за факултет кој во перспектива  интензивно се развива соодветно  на  информатичката технологија во Македонија и ги следи најновите светски трендови. 

Според деканот на ФИНКИ Димитар Трајанов, со запишани 3.000 студенти ФИНКИ  во изминатите три години  бележи големи резултати. - За оваа  учебна година се запишани 700 нови студенти со што всушност  проектот за формирање  посебен факултет за информатички науки и компјутерско инжинерство се покажа како успешен. Уште повеќе во насока на студирање на технички факултети, избирање професија што значи  полесно  добивање работа и креирање инжинери кои понатаму ќе ја подигнат македонската ИТ индустрија, изјави Трајанов.

Инаку, ФИНКИ е основан во 2011 година,  како продолжение на традицијата на Институтот за информатика при Природно математичкиот факултет и Институтот за компјутерска техника и информатика при Факултетот за електротехника и информациски технологии, а до сега се запишани 3.000 студенти. Преку владиниот проект на тој факултет се инсталирани 11 лаборатории, што се користат за научно-истражувачка и за апликативна дејност. Лабораторијата за еко-информатика, според најавите, наскоро ќе биде акредитирана од Институтот з аакредитација и ќе нуди услуги и на бизнис секторот.  

 

31.03.2014 - 13:06
Фото: 
МИА

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега