11 сообраќајки, двајца тешко повредени - се пролеа крв на скопските улици

 

Во текот на изминатото деноноќие на подрачјето на Град Скопје се случиле вкупно 11 сообраќајни незгоди. Во две од несреќите, тешки повреди заработиле двајца пешаци. 

Првиот пешак бил повреден во несреќа која се случила во 18 часот на крстосницата меѓу улиците „Џон Кенеди“ и „Серава“. Во пешакот удил автомобил „Пасат“ со скопски регистарски таблички, управуван од граѓанин на Скопје.  Вториот пешак, пак, заработил тешки повреди во несреќа која се случила во 19 часот на улицата „Васил Ѓорѓов“ во близина на ТЦ „Зебра“. Во пешакот удрил автомобил „Пежо“ со скопски регистарски таблички.

Во три од несреќите со полесни повреди се здобиле двајца возачи на патничко моторно возило, еден возач на велосипед и еден пешак, а шест од незгодите биле само со последица материјална штета.

Сообраќајната полиција вчера казнила 13 возачи кои не го почитувале ограничувањето на брзината на движење, 16 возачи што поминале на црвено светло на крстосниците, шест возачи кои не отстапиле предност на минување на пешаците на обележан пешачки премин, како и осум возачи што ги управувале возилата со изминат рок на сообраќајната дозвола. Казни си заработиле и шест пешаци и возачи на велосипеди за сторени различни сообраќајни прекршоци.

Вчера се реализираше сообраќајната поука на која присуствуваа возачи на велосипед, велосипед со мотор, мопеди и мотоцикли кои сториле прекршоци по различни основи.

Во рамките на сообраќајно воспитните акции Отсекот за превенција при Единицата за безбедност на патниот сообраќај ќе реализира едукативни работилници во ОУ „Рајко Жинзифов“ во населбата Драчево и подрачната единица од истото училиште во населбата Пинтија на подрачјето на општината Кисела Вода.

За денеска не се најавени вонредни настани и се очекува сообраќајот да се одвива тековно и според постоечката сообраќајна регулатива.

28.03.2014 - 09:13

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега