ХЕРА: Едукација за сексуално здравје за лицата со попреченост

 

Подигнување на свеста за сексуалното и репродуктивното здравје и права на лицата со попреченост. Ова е целта на активностите кои ќе се спроведуваат во рамки на Неделата на сексуално и репродуктивно здравје и права на лицата со попреченост, а ја организира Х.Е.Р.А.-Асоцијацијата за здравствена едукација и истражување.

Од Х.Е.Р.А. денеска на прес-конференција ги повикаа институциите да се зголеми обемот на едукации за сексуално и репродуктивно здравје за лицата со попреченост и нивните семејства со што ќе се придонесе за зајакнување на лицата и превенција од сексуална злоупотреба, како и да се обезбедат пристапни и достапни здравствени услуги со кои ќе се овозможи пристап до сите услуги предвидени во програмите за рана детекција на малигни заболувања и за активна здравствена заштита на мајките и децата во Република Македонија.

Државниот советник во Министерството за труд и социјална политика и претседател на Комисијата за заштита од дискриминација Душко Миновски рече дека ратификувањето на Конвенцијата за лицата со хендикеп и за државата значи преземање многу сериозни одговорности по однос на тоа.

- Тоа подразбира дека не можеме да оставиме ниту една од овие категории граѓани настрана, значи не можеме да продолжиме со двојни аршини. Сите тие имаат права, како и сексуално и репродуктивно право. Евидентно е дека имаме сериозни проблеми во тој дел. Битно е дека имаме закони кои ги регулираат овие права, имаме конвенција, меѓународни договори, декларации, имаме систем. Уште многу би требало да се направи за да може овие лица да ги третираме еднакво со сите останати, посочи Миновски. 

Умешноста на секое општество, посебно на Република Македонија како социјална држава, нагласи тој, е од овие граѓани да направи активни субјекти во креацијата на општествените текови и на сопствената егзистенција. Тоа, како што рече, значи дека тие имаат преостаната работна способност која треба да се искористи со дополнителни вештини, со поддршка итн.

- Имаме неколку процеси кои се одвиваат, кои треба многу повеќе да се искординираат. Имаме проблем со инклузијата, од градинките во училиштата имаме една емоционална затапеност. На пример, ќе се запише во градинка дете со даунов синдром, со физички хендикеп, со сензорен вид и наеднаш останатите родители ги зафаќа паника и кажуваат дека ќе ги отпишат децата. Овој свет почива на различности, истакна Миновски.

Според него, треба да се редимензионира сликата, да не се сожалуваат тие лица, туку да им се даде шанса да бидат еднакви со останатите граѓани на Република Македонија.

- Подигнувањето на свеста треба да почне во сопствениот дом, кај родителите, затоа што има родители кои, за жал, се срамат од своите деца. За да се помогне во редовното образование мора да имаме специјализирани кадри. Сите тие деца преку образовниот процес па до факултет имаат потреба да бидат активно вклучени и да го имаат еднаквиот третман како останатите, додаде Миновски.

Цветанка Иванова, претседател на Комисијата за труд и социјална политика во последниот собраниски состав, рече дека лицата со попреченост треба да ги уживаат основните човекови слободи и права и во овој случај правото на сексуално образование и на заштита на своето репродуктивно здравје. Според неа, се уште нема синхронизирана акција на општеството за заштита на правата на лицата со попреченост.

Владо Крстовски, координатор на дневните центри на Републичкиот центар за поддршка на лица со интелектуална попреченост „Порака“, истакна дека успеале да ја пробијат основната бариера дека тие лица се асексуални и дека нивната сексуалност не треба да биде признаена во голема мерка. Успеавме, посочи тој, преку различни активности тоа да го надминеме. Според него, инклузијата во образовниот систем е многу важен процес и треба да се посвети големо внимание.

Активностите со Неделата на сексуално и репродуктивно здравје и права на лицата со попреченост почнаа денеска со отворање на изложбата на фотографии од иницијативата „Девојките одлучуваат“, поставена во Домот на културата „Кочо Рацин“ во Скопје. Ќе биде отворена до 26 март. Автор на фотографиите е Греам Робертсон, фотограф на британскиот весник „Гардијан“. 

Од утре до 20 март ќе се одржат бесплатни прегледи и едукативни работилници за сексуално и репродуктивно здравје во Младинскиот центар „Сакам да знам“-Водно. На 21 март по повод Светскиот ден на лицата со Даунов синдром во Домот на културата „Кочо Рацин“ ќе се одржи трибина на тема „Сексуално и репродуктивно здравје“.

Извор: МИА

17.03.2014 - 14:53

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега