Иванов во Охрид- промоција на книгата „Проглас“
По повод 1150 години од моравската мисија на светите браќа Кирил и Методиј, денеска во катедралната црква „Св. Софија“ во Охрид ќе се оддржи промоција на книгата „Проглас“, пишувана од неколку еминентни словачки научници.
Денешниот настан претставува и активност во рамки на одбележувањето на 20-годишнината од воспоставувањето дипломатски односи меѓу Република Словачка и Република Македонија, под покровителство на претседателот на Република Македонија Ѓорге Иванов.
На промоцијата покрај Иванов, излагање ќе имаат и министерот за надворешни работи на Република Македонија Никола Попоски, министерката за култура Елизабета Канческа-Милевска, како и амбасадорот на Република Словачка во Скопје Мартин Безак.
Инаку, текстовите во книгата се паралелно пишувани на словачки и македонски јазик, а делото е во издание на словачката Национална библиотека „Мартин“.
Во името на издавачката куќа за делото ќе зборува преведувачот Стојан Лековски, а во рамки на настанот ќе биде отворена и тематска изложба „1150 години од доаѓањето на Константин и Методиј на територијата на Република Словачка“.
Делото посветено на Кирил и Методиј е збогатено со 30-тина илустрации со најстарите фрески од Охрид и македонските цркви на кои се претставени седмочислениците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа