Од УФР бараат истрагата за „Актор“ да не се политизира

 

Во врска со случајот „Актор“ Управата за финансиско разузнавање преку соопштение информира дека навремено, согласно ингеренциите, ги има преземено сите мерки и дејствија согласно законот и оти по добиените првични сознанија на 11 ноември 2013 година отвориле предмет за испитување на случајот и утврдување на сите факти, како и евентуално утврдување на постоење на одговорност. 

Како што се наведува во соопштението од Управата, преземени се првични дејствија и се побарани информации во врска со овој случај од соодветните финансиски институции, кои се со надлежност и делокруг на постапување за ваков тип на предмети во државата. По сите законски процедури и спроведени постапки, по спроведените анализи кои што беа темелни и сеопфатни, се наведува, се известени и државните институции, кои имаат врска со овој вид на проблематика. Во целиот овој изминат период се вршат проверки и соодветни дејствија за обезбедување факти, докази и аргументи кои се од битно значење за понатамошното одвивање на целата постапка, која сеуште трае, а за чиј епилог, најавуваат, јавноста ќе биде соодветно информирана.

Воедно, од Управата апелираат случајот да се не политизира.

- Иако, од страна на институциите се преземени сите дејства до оваа фаза, мораме да истакнеме дека изнесувањето на определени информации во врска со овој случај во јавноста и со манипулацијата на тие информации во дневно политички цели свесно или не, се прави штета за одвивањето на целиот случај по повеќе основи, кои може да ја загрозат целокупната постапка и истрага и да го отежнат прибирањето на факти, докази и аргументи во врска со случајот во понатамошните негови фази, се вели во соопштението.

Од Управта велат дека не сакаат да веруваат дека информациите се свесно изнесени во јавноста со цел да го загрозат овој случај и неговото расветлување, но  потенцираат дека секој општествен субјект има општествена одговорност „да се воздржува од објавување на сензитивни информации во јавноста само заради свои политички цели, и во најмала рака доколку тие чувствувале вистинска загриженост требало да се обратат до институциите најпрво, а не да се обидуваат да предизвикуваат евтин сензационализам преку лиферување на информации, кои можат да ја загрозат истрагата“. Исто така, секоја индивидуа има одговорност пред законите да се воздржува од загрозување на истрага и постапка.

Тие ги дематираат и наводите во дел од медиумите дека наводно од страна на Управата добиле формален одговор на прашање на оваа тема дека Управата немала интернет, и ги оценуваат како неетичко однесување од страна на дел од медиумите кои, велат, очигледно наместо вистината во прв план имаат однесување по однапред утврден агол и во нечија функција.

- Потенцираме дека постои максимална посветеност на одговорните институции во врска со  овој случај, се постапува согласно сите процедури и прописи, а апелираме да не се нанесува штета  при ваквите активности, затоа што се работи за комплексни случаи, потребно е секој да покаже лична одговорност, а институциите ќе ја оправдаат довербата, стои во соопштението од Управата.

12.03.2014 - 18:54

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега