Кинѕинџер: НАТО да го смени начинот на носење одлуки за Македонија да стане дел од семејството

 

Американскиот конгресмен, Адам Кинѕинџер, истакна дека НАТО треба да има дискусија за начинот на кој ги носи одлуките, и да ја разгледа можноста за носење одлуки без согласност на една земја членка, за да се спречи идното блокирање на проширувањето како во случајот на Грција кон Македонија.

- Мислам дека во НАТО треба да има дебата околу начинот на носење одлуки. Понекогаш сме како Обединетите нации, кога една или две држави ќе ги блокираат сите други да не можат да дејствуваат во хуманитарни или безбедносни ситуации. Честопати сум исфрустриран кога гледам дека од 28 сојузници, една земја членка ќе блокира одлуки и не спречува да одиме напред, вклучително и во проширувањето на НАТО. Проблем е што е потребен консензус на сите и за да се прифати носењето на одлуки по принципот 28 минус еден. Ова ќе биде тешко да се усвои, но јас ја поддржувам таа идеја, бидејќи НАТО мора да биде флексибилен, а сега за жал поради тесните интереси на некои држави премногу наликува на Обединетите нации, изјави Кинѕинџер во интервју за Македонската радио-телевизија.

 

 

Според него, време е НАТО да продолжи со проширувањето. Македонија е совршен партнер на Алијансата и затоа се надева дека на претстојниот самит во Кардиф Македонија ќе стане членка на НАТО семејството.

Во меѓувреме, во Претставничкиот дом на САД веќе 20ина дена кружи нова резолуција поттикната од грчкото лоби во САД, со која се обвинува дека Македонија ја прекршила Времената спогодба од 1995 година, и се заканува на грчката територија. Резолуцијата бара македонското членство во НАТО и во Европската Унија да се разгледа дури откако ќе биде постигнато взаемно прифатливо решение за спорот за името. Резолуцијата досега нема добиено поддршка од ниту еден конгресмен, со исклучок на двајцата етнички Грци во Конгресот Гас Билиракис и Џон Сарбанес, и секако предлагачката Керолин Мелоуни, која претседава со групата за пријателство со Грција.

01.03.2014 - 10:25

Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа

најчитано сега