Кој е виновен за пожарот во манастирот Трескавец?
Основното јавно обвинителство во Прилеп го затвори случајот за пожарот кој лани на 4. февруари ги проголта конаците на манастирот Трескавец, објавува Дневник.
Според информациите на весникот, јавниот обвинител Милка Спиркоска од доказниот материјал заклучила дека нема основа за сомневање дека е сторено кривично дело и не треба да се поведе постапка против одреден сторител.
- Од доказниот материјал произледе дека пожарот почнал во собата број 6. Настанал од искра во затворениот преден дел од оџакот каде што паѓале саѓи од ложењето на ќумбето во манастирската соба. Искрата останала во долниот дел на оџакот, настанало жарење и тлеење кое траело можеби 20-ина часа. Од високата температура се запалила блиската дрвена ламперија и пожарот многу брзо се проширил, вели Спиркоска за Дневник.
Според обвинителството, удел во избувнувањетона пожарот имале и оџаците стари неколку векови.
- Оџаците се дамнешни пред неколку века, а во собите во форма на отворени камини. Но, при реконструкцијата на конаците во 1990 година затворен им е предниот дел, направена е само преграда во вид на камарче, обложено со дрвена ламперија. Во овој преграден дел паѓаат саѓи и смоли од повременото ложење на ќумбето во собата. Искра паднала во долниот дел на оџакот, настанало жарење и тлеење, а потоа почнал пожарот, вели Спиркоска.
Од обвинителството објаснуваат дека лани на 1, 2 и 3 јануари имало гости во собата број 6, во која избувнал пожарот. Гостите си заминале, а во собите било проверено да не останало нешто. Според обвинитеството, случајот е затворен, бидејќи сега нема никаква можност да се бара кривична одговорност за грешките и пропустите направени пред 24 години.
Изготвен е обемен проект во Заводот и музеј Прилеп во кој е внесен дел за целосна заштита од пожари. Сега, на ред е Националниот конзерваторски центар да го одобри проектот и се очекува за неколку месеци да почне обновата на конаците.
Редакцијата на Press24 не сноси никаква одговорност за коментарите. Бидејќи се генерираат преку Facebook за нив важат правилата и условите на социјалната мрежа